Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повтори дека Украина нема да отстапи дел од својата територија заради постигнување мир.
„Не, тоа е наша територија“, рече Зеленски во интервју за американската мрежа Си-би-ес.
Тој рече дека Украина ќе напредува и ќе ослободи територии дури и кога ќе помине убавото време.
Сепак, Зеленски призна дека украинската армија се соочува со тешка ситуација на фронтот и дека контраофанзивата не напредува доволно бргу.
Тој рече и дека војната во Украина го брани светскиот поредок.
„Ако Украина падне, што ќе се случи за 10 години? Ако (Русите) стигнат до Полска, што е следно? Трета светска војна?“, праша Зеленски.
Како што вели тој, Украина ги брани вредностите на целиот свет.
„Украинскиот народ ја плаќа највисоката цена. Се бориме за нашата слобода, гинеме. И тоа не е фикција, не е книга. Ние навистина се бориме против нуклеарна држава, која се заканува да го уништи светот“, рече тој.
Тој изрази благодарност до Вашингтон за воената помош од речиси 70 милијарди долари, но додаде дека тоа не е само поддршка за Украина.
„САД финансиски ја поддржуваат Украина и јас сум им благодарен за тоа. Само мислам дека тие не ја поддржуваат само Украина. Ако Украина падне, Путин сигурно ќе продолжи понатаму. Што ќе направат САД ако Путин стигне до балтичките земји? Ако стигне до полската граница? А ќе стигне“, рече тој.
Како што додаде, целиот свет мора да одлучи дали „сакаме да го запреме Путин или да почнеме светска војна“.
„Не можеме да го промениме Путин. Руското општество ја изгуби почитта од светот. Го избраа, па пак го избраа и направија друг Хитлер. Тие го направија тоа“, рече Зеленски.