Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој комплексен мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.
„Во духот на Лотреамон би можел да кажам дека ‘Горчлив шеќер’ е приказна за случајната средба на Калимеро, една запалка и Доналд Трамп на операционата маса, па, оттука, користејќи го искуството на надреализмот и дадаизмот, но сега ставени во нашиот современ хаотичен контекст, сакав да креирам дела и простори што нема да илустрираат или дефинираат одредени појави, туку повеќе ќе предизвикуваат прашања и критичко промислување на светот во кој живееме денес. Ми беше важно отворањето теми, кои не се толку често третирани на нашата современа ликовна сцена, како и создавањето простор за соработка на разни уметнички дисциплини и пробивањето на острите или воспоставени рамки на уметничка креација и продукција“, вели уметникот Јовановиќ.
Замислен како тотално уметничко дело, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност.
„Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многуте протагонисти и разните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современоста“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.
Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски…) како и идеи на Јовановиќ. Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањето на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
Овој проект преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од многубројни кризи и егзистенцијална неизвесност.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“
Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.
Макфакс