Македонија

Денот “Д”: Мијалков може да куртули уште еден од „Таргет-тврдина“ со измените на Кривичен законик

Преку најголемиот предмет на Специјалното јавно обвинителство, „Таргет-тврдина“ за прислушувањето, ќе има нов обид да се тестираат измените на Кривичниот законик во пракса. На обвинителна клупа седнува ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој се гони за две дела, кои сега се со намалени казни и застаруваат брзо – злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување.

Судијата Илија Трпков може по службена должност да постапи и да им соопшти на обвинетите дека тие кои се гонат за овие две дела – се ослободени поради примена на измените на Кривичниот законик, а бидејќи истите се застарени. Информација до судот може да достави и Обвинителството, а судот да постапи. Но, без разлика дали тоа ќе биде направено на денешното рочиште или на идните – постапката против сите обвинети за овие две кривични дела, а со оглед на застареноста, се запира.

Доколку побараат, државата потоа ќе треба да ги обештети – да им плати адвокати, судски трошоци, паушали. Предметот се суди по вторпат, откако Апелација ја укина претходната пресуда – а со неа, Мијалков беше осуден на 12 години затвор. Денешното судење е закажано за во 10 часот.

Ова не е единствен случај каде новиот Кривичен законик ќе донесе слобода. Дел од останатите предмети се и: ТНТ, Талир, Талир 2, Трезор, Тарифа, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет/Тврдина, предмет за Стевчо Јакимовски.

Дел од пратениците со измените на Кривичниот законик изгласаа за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, каде досега казната беше најмалку три години затвор, сега да биде од една до 4 години затвор. Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан. Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.

Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.

На почеток