МВР нема надлежност во затворите, намерно ја злоупотребуваат трагедијата за евтини поени, вели Тошковски одговарајќи им на СДСМ
„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и додава:
„Но, суштината не е во “незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа.
Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство“.
Претходно, СДСМ упати прашања до него:
„„Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор? Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ? Каква е инволвираноста на Пандов? Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага? Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта. Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски. Кој го штити младиот убиец во врвот на власта? Срамно и недозволиво осомничен за ваков грозоморен чин слободно да користи мобилен телефон уште од првиот ден. Јавноста чека одговори од Тошковски и одговорност од Александар Пандов!“, пишува во соопштението на СДСМ.