Македонија

Џафери на средба со делегација на данскиот парламент: нагласена важноста од пристапување кон уставните измени

Џафери на средба со делегација на данскиот парламент: нагласена важноста од пристапување кон уставните измени

На денешната средба со претседателот на Комисијата за европски прашања од данскиот парламент, Нилс Флеминг Хансен, како и со членовите на делегацијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ги нагласи досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји и ја истакна потребата од интензивирање на заемната политичка комуникација на секое ниво. Тој се заблагодари на досегашната принципиелна поддршка од страна на Кралството Данска на нашиот пат на евроинтеграција и членство во НАТО.

Го потенцира и фактот дека данскиот парламент беше еден од првите парламенти меѓу членките на Европската Унија што во 2002 година го ратификува Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Исто така, и еден од првите парламенти што го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО на Република Северна Македонија.

Џафери ја нагласи и важноста во овој момент да се пристапи кон измените на Уставот со цел да се почнат преговорите со ЕУ, при што потенцира „ова е момент кога треба сите политички партии во Собранието да ја согледаат важноста да се дојде до едно решение, кое ќе нè придвижи напред кон ЕУ“.

Претседателот на Комисијата за европски прашања од данскиот парламент, Нилс Флеминг Хансен, се заблагодари во име на делегацијата за можноста за средба со претседателот Џафери, при што ја истакна важноста на овие средби за понатамошната соработка и интензивирање на соработката меѓу двете земји на секој план.

Во дискусија се вклучија и преостанатите членови на делегацијата, при што во фокусот на нивниот интерес беа нашиот евроинтеграциски пат и ситуацијата со уставните измени, а изразија интерес и за интензитетот на јавната поддршка што постои во нашата земја во однос на прашањето за интеграција во ЕУ.

На крајот на средбата беа изразени поддршката за Република Северна Македонија и спремноста да помогнат колку што може во нашите аспирации за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

Макфакс

На почеток