Македонија

Бектеши од Тирана: Македонија е целосно посветена на зајакнување на регионалната соработка преку отстранување сите бариери

Бектеши од Тирана: Македонија е целосно посветена на зајакнување на регионалната соработка преку отстранување сите бариери

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, во Тирана учествуваше и се обрати на форумот на министри за економија, со наслов „Заеднички регионален пазар – чекор кон единствен пазар на ЕУ“, кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес.

Тој во своето обраќање на бизнис-форумот, со наслов „Предизвици и потенцијали на заедничкиот регионален пазар – патот кон единствен пазар преку забрзана интеграција“, истакна дека Северна Македонија е целосно посветена на зајакнување на регионалната соработка преку отстранување на сите бариери, одобрување на сите протоколи и нивно имплементирање врз основа на стандардите и регулативите што земјите од ЕУ ги побарале и воспоставиле.

На форумот со фокус на унапредување на заедничкиот регионален пазар, за поттикнување на економскиот раст во регионот и негово приближување до ЕУ, ќе учествуваат министрите за економија од Берлинскиот процес, претставници на Европската Унија и други партнери од Берлинскиот процес.

„Кога слушаме емотивни говори од оние што го водат бизнис-секторот и кои се враќаат на минатото, сметам дека сме на погрешен пат. Мораме да одиме напред за да го подигнеме животниот стандард на граѓаните, да имаме економски раст и со тоа да создадеме можности за просперитет на младите“, изјави министерот Бектеши на бизнис-форумот на земјите од Берлинскиот процес, на кој учествуваа над 180 компании од регионот и од Европа.

Што се однесува до улогата на ЕУ, министерот истакна дека таа треба да биде отворена врата за земјите од Западен Балкан, со оглед на тоа што Северна Македонија и Албанија се веќе во процес на скрининг.

„Ако сакаме да имаме раст, план за раст што ќе се применува во рамките на Западен Балкан, мора да работиме заедно и да не гледаме само на нашите внатрешни економии“, рече министерот Бектеши.

Тој додаде дека Северна Македонија е целосно посветена и поддржува вакви иницијативи, особено во вакви настани да се обединиме, да го оставиме минатото зад себе бидејќи минатото ни создава тешки проблеми.

„Младите бараат нови можности, внатре во ЕУ, а ние сме дел од европскиот континент, па зошто да го немаме тој просперитет во нашите земји“, изјави Бектеши.

Исто така, министерот истакна дека Северна Македонија целосно го поддржува протоколот ЦЕФТА, иницијативите на ЕУ.

На почеток