Македонија

„Слободен печат“ открива: Сестрата ем крадела цитостатици од Онкологија, ем посредувала за фалсификувани сертификати што ги одбивала Германската амбасада во Скопјe

Преку рацете на медицинската сестра од Клиниката за онкологија, не поминувале само украдените цитостатици од болните од рак, туку и фалсификувани сертификати за германски јазик, за медицинари од Клиничкиот Центар кандисани да се отселат и да работат во Германија во тамошните болници, открива „Слободен печат“.

Сестрата што крадеше цитостатици, после работното време на Клиниката за онкологија имала и дополнителен, опскурен „бизнис“. За 1.500 евра таа посредувала кандидатите кои не можеле да положат германски јазик по регуларен пат, да добијат „сертификат“ и тоа за ниво Б2 познавање германски јазик. „Слободен печат“ имаше увид во барем еден таков сертификат, кој бил одбиен од германската амбасада во Скопје и придонел кандидатот што го поднел да претрпи стресови, затоа што бил на раб да не смее да стапне во Германија. Станува збор за висококвалитетен фалсификат, кој на прв поглед не отстапува од оригиналните сертификати што „Гете институтот“ им ги издава на своите вистински кандидати кои вистински полагале за да докажат познавање на германскиот јазик на ниво Б2.

Со таквите „сертификати“ на кои злоупотребено било името и логото на „Гете институтот“, медицинарите оделе во Германската амбасада и аплицирале за виза мислејќи дека веќе платиле поткуп во,,Гете институтот”, кој навистина издава вакви уверенија откако кандидатот ќе го положи испитот кој се состои од повеќе делови – слушање, читање, пишување и зборување.

Во амбасадата биле одбивани, и се соочиле со фактот дека поткупот го плаќале за фалсификувани уверенија за познавање на германскиот јазик со кои „Гете институтот“ немал никаква врска и кои никако не би можеле да го поминат строгиот, европски филтер на визни проверки кој го прави амбасадата.

На почеток