Коментари

Тогаш ќе биде предоцна: Предавањето на „Чебрен“ на Грција е работа против домашното производство, народот ќе се увери преку сметките за струја

Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, направи анализа за потребата од хидроелектраната „Чебрен“.

Ви ја пренесуваме во целост: За потребата од ПАХЕ „Чебрен“ (I дел)

Многумина кај нас сé уште не веруваат дека Македонија ќе мора да ги затвори сите термоелектрани на јаглен до 2030 година и мислат дека сето тоа ќе остане само „мртво слово на хартија“. Сите тие најпрво нека го отворат документот, на страна 8, што нашата влада го поднела до секретаријатот на UNFCCC (United Nations Framework Convention on Climate Change, скратено UN Climate Change): https://unfccc.int/…/Macedonian%20enhanced%20NDC%20…

Македонија, како потписничка на Парискиот договор за ограничување на „стакленичките“ гасови (воглавно јаглерод диоксидот и метанот, коишто го предизвикуваат ефектот на стаклена градина) се обврзала дека до 2030 ќе ја намали емисијата на овие гасови за 51% (со се нашето влијание на нивното производство во светот поради увезена енергија), додека нето емисијата на нашата територија ќе мора да ја намали за дури 82%! Во бројки, Македонија би морала да ја намали емисијата на стакленички гасови од 12,5 на 6 милиони тони годишно.
Како најголем производител на стакленички гасови најмногу ќе биде погоден нашиот енергетски сектор, којшто ќе мора да ја намали емисијата за 66% и тоа воглавно со затворање на ТЕЦ „Осломеј“ до 2021 година и РЕК „Битола“ до 2027 година. Значи, не до 2030 година, туку до 2027 година, а ТЕЦ „Осломеј“ веќе не би смеела да работи.

На прв поглед, во светски рамки Македонија не емитува многу стакленички гасови и сето ова може да ни изгледа како некаква неправда или заговор против нас. Меѓутоа, термоелектраните испуштаат освен јаглерод диоксид и разни отровни гасови, чад и саѓи, така што од ова затворање сите ние ќе имаме корист, а особено жителите на Пелагонија, којашто е рекордер според бројот на болни од малигни неоплазми (рак) на белите дробови.
За да ја оствариме поставената задача, ние требаше уште во 2020 година да започнеме со изградба на обновливи извори на енергија, чиј избор во нашиот случај е многу ограничен. Освен хидроелектрани на реките, на располагање единствено ни стои Сонцето, односно енергијата од фотоволтаици. Како што гледаме, до денеска ништо не е преземено, а времето неповратно ни истекува.

Но, фотоволтаиците самите по себе не можат целосно да ни го решат нашиот проблем со снабдување со електрична енергија, доколку не се реши проблемот со нејзино краткорочно и долгорочно складирање, за употреба во вечерните часови односно зимските месеци.

Тоа што некои наши “talking heads” кажуваат дека проблемот со складирање ќе го решат самите граѓани, односно инвеститорите во фотонапонските електрани, инсталирајќи литиум-јонски батериски банки – најблаго речено нема никаква врска со логиката. Не само што тој начин на складирање е многу скап (складирањето чини do 115 евра/MWh), туку батериите мораат да се заменуваат после најмногу 3.000 циклуси на полнење и празнење, со сите проблеми што отстранувањето и рециклирањето ги носи. Во Македонски услови тоа ќе се сведе на фрлање по ѓубришта, па дури и по диви депонии. Главниот проблем е што таквиот начин на складирање не нуди можност за балансирање, односно врамнотежување на производството и потрошувачката (понудата и побарувачката) на електрична енергија, како и квалитетна регулација на електроенергетскиот систем.

Така доаѓаме до реверзибилните хидролектрани, коишто се најбрзорастечкиот сегмент во енергетиката во денешницата и коишто ги решаваат сите проблеми со складирањето на енергијата и врамнотежувањето на системот.
Лидер на ова поле е Јапонија, но ја следат многу други, големи и мали земји. На пример, Германија одамна ја надмина границата од 50% производство на електрична енергија од обновливи извори, а дури и малата Хрватска веќе произведува неверојатни 70% од енергијата од обновливи извори, со што се најде на петтото место во светот. Хрватска моментално има 3 реверзибилни хидроелектрани, а гради или ќе гради уште 4 нови. Такви електрани има и во БиХ и Србија, а Србија дури планира и најголемата хидроелктрана „Ѓердап“ (3.600 MW, односно 36 пати поголема од ХЕ „Тиквеш“) да ја адаптира во реверзибилна и така за сите времиња да го реши проблемот со фотонапонските и ветерните електрани. Македонија, пак, сака да се лиши и од таа една единствена, сé уште неизградена ПАХЕ „Чебрен“ и да им ја предаде на Грците. Ако нашите власти не веруваат дека реверзибилните електрани се потреба, а не луксуз, нека видат што прават во другите земји. Добар преглед може да се види на следниот линк: https://www.ecoportal.me/reverzibilne-hidroelektrane/ .

Светот многу бргу се менува, се носат нови закони, цените на фотоволтаиците бргу опаѓаат, инвертерите се усовршуваат, па така и нашата енергетска стратегија од 2016 година е веќе застарена и треба да ги земе во предвид најновите достигнувања на ова поле. Фотонапонските и ветерните електрани, во спрега со класичните и реверзибилните хидроелектрани се патот по којшто треба да се оди, а термоцентралите, не само на јаглен туку и на мазут и гас – за секогаш ќе останат во минатото.

Ни малку не е случајно што Грција токму сега се намерачила на нашиот „Чебрен“, а Македонија великодушно би им го отстапила и така би ја пресекла гранката на која што седи, односно би ја уништила енергетската иднина на 3 генерации население.

Без реверзибилната, пумпно-акумулациона електрана (ПАХЕ) „Чебрен“, целиот наш премин на обновливи извори со фотонапонски и ветерни електрани паѓа во вода. Нашата власт едноставно нема одговор како ќе ја снабдува државата со електрична енергија на квалитетен начин после „пензионирањето“ на ТЕЦ „Осломеј“ и “Битола“. Можеби планираат да ги лажат ОН, но прашање е колку тоа ќе им успее, бидејќи сите земји на големо работаат на „Зелената агенда“, односно „Зелената транзиција“, којашто бара намалување на „јаглеродниот отисок“ (carbon footprint) до 2030 година.

Токму со оваа цел е потпишан Парискиот договор ( https://unfccc.int/process-and-meetings/the-paris-agreement ), според кој зголемувањето на средната глобална температура ќе мора да се ограничи на најмногу 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриската ера. За да се оствари оваа цел, емисијата на стакленички гасови ќе мора да го сопре растот до 2025 година, а до 2030 година ќе мора да се намали за 43%. Во случајот на Македонија пак, нето производството на овие гасови ќе мора да се намали за 82%, а производството на термоелектраните за 66%.

Научниците велат дека зголемувањето на средната глобална температура за 5 Целзиусови степени може да претставува крај на животот на планетата, каков што го знаеме денеска. Тоа би довело до масовно изумирање на многу растителни и животински видови, колапс на екосистемот, подигање на нивото на светските океани, целосно уништување на земјоделството, екстремно време со урагани и поплави, здравствени ризици (меѓу кои и заразни болести пренесувани од разни вектори) што многу луѓе нема да ги преживеат, недостиг на вода за пиење, војни за природните ресурси и раселување на народите. Со еден збор – крај на денешната цивилизација.

Во вториот дел ќе ги видиме сите придобивки на реверзибилните хидроелектрани, кои ги има повеќе од 20.
Врз нашата влада пак, јавноста треба итно да изврши притисок за да стави мораториум на потпишувањето на договорот со Грците и раскрчмувањето на „Чебрен“, пред да ги види и послуша аргументите на еден одбор од 5-10 професори за погубноста од таквата штетна и самоубиствена одлука.

Ако пак, после сé што е кажано, сепак решат да го предадат „Чебрен“, тогаш ќе знаеме дека работат против домашното производство, а за интересите на лобито на увозници и трговци со електрична енергија. Народот во тоа ќе се увери веќе за неколку години, преку високите сметки за увезена струја, струја од приватните електрани или преку растечкиот долг кон странство, за да се плаќа скапиот увоз. Но, тогаш ќе биде предоцна.

На почеток