На Заев не му ја чува фотелјата, а искажа и став за можни преговори со Груевски – Ковачевски зборуваше за враќањето на експремиерите
Премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното гостување во Дневникот на Сител ТВ кажа дека не му ја чувал партиската фотелја на поранешниот премиер Зоран Заев.
„Во СДСМ никој никому не чува фотелја, затоа што претседател на партијата се избира преку гласање од страна на сите членови“, изјави претседателот на Владата на РСМ.
Меѓу другото, премиерот ги повика сите политички партии да се приклучеле на патот кон ЕУ, потенцирајќи дека блокадата на државата кон евроинтеграции за првпат доаѓала од внатрешноста.
СДСМ има и државнички и државотворен капацитет. Партијата е отворена за секого и секогаш, без разлика кој на каква позиција се наоѓа во партијата или во државата. Јас од прв ден се држам до тоа, одговори вечерва во „Тема на денот“ во дневникот на Сител, премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски на новинарско прашање за враќањето на Зоран Заев во СДСМ односно за одржаниот координативен состанок на стратешкиот тим на партијата.
– Се работи за состанок на кој беа присутни партиски другари, рече Ковачевски, додавајќи дека СДСМ е обединета партија со оглед на тоа што луѓето делат исти вредности.
На прашањето дали Ковачевски му ја чува фотељата на Заев, како што се коментира во јавност, и дали Заев се враќа во политиката и дали можеби е претседателскиот кандидат на СДСМ, претседателот на СДСМ и премиер, Ковачевски беше дециден дека во СДСМ никој никому не чува фотеља, затоа што претседател на партијата се избира преку гласање од страна на сите членови.
Според Ковачевски, во СДСМ воопшто не е отворена дискусија за претседателски кандидат, со оглед на тоа што, како што рече, се уште е рано. Потсети дека во партијата има пропишана статутарна постапка на кој начин се одвива предлагањето, кандидирањето и утврдувањето на кандидат за претседател. За тоа, истакна, ќе има и разговори со коалиционите партнери.
– Апсолутно убеден сум дека победник на следните претседателски избори ќе биде кандидатот предложен од СДСМ и поддржан од проевропската коалиција, со оглед на тоа дека ние покажавме дека не калкулираме со важните одлуки во државата, не сме водени од дневна полтика, од личен интерес, туку СДСМ и коалиционите партнери, ги донесовме најтешките и најважните одлуки од првиот ден на самостојноста на нашата држава, потенцира Ковачевски, осврнувајќи се на Охридскиот и на Преспанскиот договор, членството во НАТО, заклучоците во Собраието за усвојување на преговарачката рамка…..
Прашан дали тоа значи дека и Зоран Заев може да биде кандидат за претседател, Ковачевски потенцира дека може да биде секој што ги исполнува условите како член на СДСМ, односно може да биде предложен за претседателски кандидат, за пратеник, за градоначалник или за која било друга функција.