(Фотогалерија) Вардар не нѐ пере: Ѓубре за фотосесија пред Стара Железничка, корпа за прикривање на дупките на улица „Македонија“
Расфрлан отпад насекаде, корпа за отпадоци ставена онаму каде пропаднала бекатон плочка, лоша миризба и куп туристи. Додека низ центарот на Скопје, од плоштад Македонија преку истоимената улица, тие ги фотографираат знаменитостите на градот – можат да направат и галерија за некултурата која царува тука.
Прва точка каде може да се увиди дека почитта кон градот е слаба страна, се садниците со цвеќиња. Во нив, наместо зеленило, царува отпад. Тоа што не го собрало внатре, оставено е околу нив. Патем, овие садници се на најпознатата точка за фотографирање на Стара Железничка.
Трибините околу спомен куќата на Мајка Тереза, не изгледаат ништо подобро. Купишта смет од изедените сендивичи се расфрлани наоколу.
Слично и кај Дом на АРМ, кој е десетина чекори оддалечеоност од улица „Македонија“.
Дека ниту Вардар не нѐ пере, говори и отпадот заглавен во реката. Поради нискиот водостој, се гледа дека купишта смет е заглавен во неа.
По улица Македонија – низа пропаднати плочки од плочникот. Но наместо санација, полесно било да се стави корпа за отпадоци, за да се превенира несреќа.
Ако свртите кон кино „Култура“, сами ќе воочите што значи некултурата.
Од скапо платената фонтана на плоштадот, извадени или украдени се светилките.
Ограничените капацитети на „Комунална хигиена“ и односот на граѓаните и посетителите, го прават центарот на Скопје – мини депонија. Денеска, сончевото време го искористија повеќе групи со туристи за да ги видат знаменитостите на градот. Но за жал, и отпадот.