Зеќири излезе од куќен притвор, а му се погодија и измените на Кривичниот законик
По вторпат одново започна судењето за ексгенералниот секретар на Влада, Мухамед Зеќири, а истовремено, на него му е укинат куќниот притвор. Обвинителката Катерина Коларевиќ го преквалификуваше делото, поради последните измени на Кривичниот законик. Сега, наместо најмалку пет години затвор, тоа е максималната казна која може да ја добие Зеќири
„Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар“, изјави обвинителката Катерина Коларевиќ.
И по вторпат, Зеќири се изјасни за невин. Тврди дека не сторил ништо и смета дека тоа ќе го докаже.
Обвинителството го товари Мухамед Зеќири дека во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ. Судењето продолжува на 7 ноември.