(Фото) Скопјани се гушат во отпад: расфрланото околу контејнерите стои и по 10 дена
„Комунална хигиена“ ги празни контејнерите во Скопје, но го остава отпадот оставен околу нив. Граѓаните во нивните поплаки се децидни дека се што е расфрлано околу контејнерите, не се собира од комуналците, а со денови се чека реакција од општините. Фотографиите од трговскиот центар „Скопјанка“, но од скопски Ѓорче Петров – ги потврдуваат реакциите на жителите.
„Ова е на улица Бојмија, во близина на ТЦ ‘Скопјанка’, веќе десет дена изгледа вака. Молам Општина Аеродром, Комунална хигиена или кој и да е надлежен да реагира, ова да се расчисти. Сторителите не се за коментирање, кога и нема кој да ги види“, пишува жителка на Аеродром.
Слична е сликата во Ѓорче Петров, каде што редовно, се одлага кабаст отпад околу контејнерите, а речиси и никој да не е казнет. Дополнително, се расфрла и оној кој е во контејнерите. Кога во нив се бара облека и храна, сите кеси се расфрлаат наоколу.
„Ова е нонстоп вака. Ни комуналците, ни општината не се толку криви, колку што проблемот е во нас. Нонстоп е вака“, коментираат жители на скопската населба „Даме Груев“.
„Скопје1“ испрати прашања „Комунална хигиена“ зошто отпадот околу контејнерите не се собра, но и зошто граѓаните треба да страдаат за сметка на недоразбирањето помеѓу јавното претпријатие и општините. Оттаму очекува одговор.
Во рамките на месецот октомври, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви вкупно 36 записници за лица и правни субјекти коишто се затекнати при непрописно одлагање кабаст отпад и градежен шут на булеварот Васил Чакаларов и улицата Руѓер Бошковиќ во општината Карпош, улицата Лазар Поп Трајков – во општината Гази Баба, како и на улиците Рајко Жинзифов и Борка Талевски – во скопската општина Центар. Во текот на месецов, на крстосницата на бул. Никола Карев, како и на улиците Славеј планина и Џон Кенеди, Еко-патролата вршеше превентивен надзор на локациите каде што континуирано неправилно се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини.
Воедно, екипите на Претпријатието неделава подигнаа и транспортираа вкупно 30 кубни метри од неколку диви депонии лоцирани на улиците Воин Драшковиќ во скопската општина Ѓорче Петров, Серава и Џон Кенеди во општината Чаир, како и во близина на Македонска куќа во општината Карпош. Во оваа скопска општина, во моментов се одвиваат активности за отстранување обемна дива депонија лоцирана во реонот на Момин поток.