саб. Окт 19th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Предлогот за измена на Уставот пристигна во Собранието, Џафери треба да свика седница

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насока за негово изменување и дополнување што Владата го усвои на вонредна седница веќе пристигна во Собранието, потврди собранискиот претседател Талат Џафери.

„Само што ми стигна порака дека материјалот е добиен во Собранието. Сѐ уште не сум го видел текстот, но се надевам дека е ист со оној што е објавен на веб-страницата на Владата”, рече Џафери во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на ТВ Телма.

Во контекст на Уставот и Деловникот, како што кажа, определени се надлежности и надлежни институции кои може да покренат иницијатива за пристапување кон уставните измени.

„Претседателот на државата, Владата, 30 пратеници или 150 илјади граѓани со свои потписи, со овластен претставник може да покренат иницијатива за уставни измени и во членот 194 од Деловникот е пропишана формата и содржината на предлогот на одлуката за пристапување, кои елементи треба да ги содржи. Тоа што го видов во меѓувреме што е објавено од Владата и што е донесено во Собранието ги исполнува формалните услови да може да се има предмет на покренување постапка во Собранието. Во тој контекст мислам дека сѐ е легитимно, легално, законски, уставно”, рече Џафери.

Тој објасни дека по пристигнувањето на предлогот во Собранието во рок од три дена треба да се утврди дали ги содржи сите потребни елементи.

„Ако одиме во редовна постапка, во рок од три дена треба да се согледа материјалот од формално-правен аспект, да се консултирам со службите и доколку одлуката ги има сите елементи да ја испратам до пратениците. Тоа може да го направам и за еден ден. Во моментот кога ќе го доставам материјалот до пратениците најкратко во редовна постапка може да свикам пленарна седница за 10 работни дена. Во тие 10 дена додека трае чекањето за пленарна седница треба  да свикам седница на Комисијата за уставни прашања каде сум претседател по функција и да го разгледаме предлогот на комисијата”, појасни Џафери.

Роковите, додаде, можат да бидат и пократки.

„На Комисијата пратениците може да говорат повеќе пати, но не повеќе од 20 минути вкупно. Ако порано се исцрпи дебатата на Комисијата се оди на пленарна седница”, рече Џафери.

Тој уште додаде дека постапката може да биде и итна по барање на Владата, на претседателот или на 20 пратеници, но и претседателот на Собранието има можност да одлучи седницата да биде итна.

„Можам да свикам седница и во рок пократок од 10 дена. Имајќи предвид дека се работи за тајминг кој треба да го исполниме по однос на обврските за уставни измени предвидени со Договорот и поканата за членство во НАТО, сметам дека нема потреба од 20 потписи на пратеници. Поради итноста на потребата можам да свикам седница и во пократок рок од 10 дена со тоа што ќе мора да водам сметка за работата на Комисијата за уставни прашања. Ако се случи дебатата на Комисијата да трае 10 дена ќе мора пленарната седница да се одложи додека трае дебатата”, изјави Џафери.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close