Свет

Нетанјаху: Ако треба уште посилно ќе влеземе во Газа и ќе ги убиеме убијците

Нетанјаху: Ако треба уште посилно ќе влеземе во Газа и ќе ги убиеме убијците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја не сака да ја освои, окупира или владее Газа по војната против Хамас, но дека „уверливи сили“ ќе мора да влезат во палестинската енклава доколку е потребно за да се спречи воена закана.

dobivaj vesti na viber

Зборовите на Нетанјаху оваа недела дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста во Газа, предизвика негативна реакција кај САД, главниот сојузник на Израел.

Вашингтон најави дека ќе се спротивстави на израелската окупација на Газа по војната, во која Израел се обидува да го бомбардира раководството на Хамас по нападот на 7 октомври.

„Ние не сакаме да ја освоиме Газа, не сакаме да ја окупираме Газа и не сакаме да владееме со Газа“, изјави Нетанјаху во четвртокот за Фокс њуз.

Тој додаде дека во Газа ќе треба да се формира цивилна влада, но дека Израел ќе се погрижи напад како оној на 7 октомври да не се повтори.

„Значи, мораме да имаме сили кои, доколку е потребно, ќе влезат во Газа и ќе ги убијат убијците. Ова ќе спречи повторно да се појави група како Хамас“, рече Нетанјаху.

Повеќе од 10.800 Палестинци загинаа во израелското бомбардирање на Газа, според извештаите од локалните здравствени служби. Хуманитарна катастрофа се случи кога ги снема основните резерви, а бројот на ранети беше преголем за здравствениот систем.

Американските власти велат дека палестинската управа, која има ограничена моќ на Западниот Брег, окупирана од Израел, треба да се врати во Газа по војната. Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година.

Највисоките палестински функционери, вклучително и Махмуд Абас, велат дека враќањето на палестинската самоуправа во Газа мора да биде придружено со политичко решение кое ќе стави крај на израелската окупација на територијата што ја зазеде во војната во 1967 година.

Нетанјаху рече дека по војната „Газа мора да се демилитаризира, дерадикализира и повторно да се изгради“.

Палестинскиот премиер Мохамед Штајех изјави за PBS оваа недела дека палестинските власти нема да се вратат во Газа „на израелски тенк“.

На почеток