Македонија

Потпишан трилатерален меморандум за соработка во справување со криминалот поврзан со огнено оружје

Потпишан трилатерален меморандум за соработка во справување со криминалот поврзан со огнено оружје

Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Царинската управа денеска потпишаа Меморандум меѓу трите институции за соработка во областа на справувањето со криминалот поврзан со огнено оружје.

Меморандумот се потпишува во рамките и со поддршка на Глобалната програма против огнено оружје на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ). Целта на Меморандумот е поефикасна координација и унапредување на меѓусебната соработка во областа на сузбивање на криминалот поврзан со огнено оружје, трговијата со огнено оружје и борбата со кривичните дела и прекршоците поврзани со огнено оружје, особено мало и лесно оружје, негови делови и компоненти, муниција и експлозиви.

Во своето излагање при потпишувањето, Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, се осврна и на последните измени на Кривичниот законик кои ги опфатија и попрецизно ги регулираа овие кривични дела, овозможувајќи поефикасен кривичен прогон на сторителите.

„Сепак, ниту светот, па ниту нашата држава и регион не се ослободени од последиците од кривични дела извршени со огнено оружје, но уште повеќе е евидентно дека животи се губат од огнено оружје и при неконфликтни настани. Криминалот поврзан со огнено оружје претставува општествена закана против која е потребен и соодветен одговор на органите на прогонот во однос на превенција, истрага и гонење на кривичните дела“, рече Јовески.

Меморандумот предвидува поефикасна соработка при спроведување на заеднички истраги во областа на сузбивање на криминалот поврзан со огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција и давање на меѓусебна помош при откривање и документирање на случаи на илегално поседување, чување, производство, пренос и трговија со огнено оружје, а ја олеснува и меѓуинституционалната размена на информации. Исто така, предвидени се заеднички обуки и едукации, формирање на заеднички работни групи во оваа област, взаемна стручна и техничка помош и зголемување на превентивното постапување со цел јакнење на свеста кај граѓаните, насочено кон препознавање на кривичните дела и прекршоците поврзани со огненото оружје, пријавување на користење на огнено оружје при прослави, и поттикнување за пријавување на пронајдено или изгубено огнено оружје.

„Повикувајќи се на практиката, искуствата и аналитичките согледувања, без никакво претерување можеме да констатираме дека еден од клучните фактори што бездруго ги зголемува предизвиците по јавната безбедност, покрај организираниот транснационален криминал, е токму нелегалната трговија со оружје. Општопознато е дека достапноста, а со тоа и незаконската употреба на оружјето ја поткопува правдата, ја зголемува стапката на криминалот и ризиците од насилство, а со тоа има свое влијание и на стабилноста на државите, претставувајќи пречка и за нивниот социјален и економски развој”, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Заради ефикасно остварување на утврдените активности, потписниците ќе ја координираат меѓусебната соработка преку Меѓуресорска работна група за координација на борбата против криминалот поврзан со огнено оружје.

На почеток