Скопје

Хеликопери ќе надлетуваат во Скопје, има детални планови – за самитот на ОБСЕ ќе има над 1.000 странци

Граѓаните да имаат трпение кога ќе се одржува самитот и да ги почитуваат наредбите од службениците, е пораката која министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ја испрати пред во Македонија да пристигнат 70 делегации, со високи политички претставници. Скопје ќе го надлетуваат хеликоптери, полицијата ќе патролира по улиците.

„Група на многу владини институции работи на самитот на ОБСЕ. Ние се подготвуваме цела година. Постојат детални планови. Ќе има над 70 делегации, предводени од шефови. Ќе имаме околу 1.000 учесници на самитот. Тоа е опсежна акција од безбедносен аспект. Вклучени се сите служби. Јас очекувам дека сето тоа ќе помине во најдобар ред. Ова е важен самит. Имаме шанса да покажеме капацитетност, демократски вредности. На завршување на самитот, сите држави од светот, да гледаат со уважување кон нас. Сметам дека на сите треба да ни биде чест“, кажа Спасовски.

Спасовски посочи дека нема да биде блокиран цел град, но ќе бидат блокирани различни делови, во зависност од потребата на протоколите.

Триесеттиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември, во салата Борис Трајковски во Скопје. Настанот, на кој се очекува присуство на делегации од 57 земји учеснички и партнери на ОБСЕ, се одржува во рамки на македонското претседавање со оваа меѓународна организација.

На почеток