Поминаа 24 часа од исчезнувањето на Вања: полицијата трага, семејството бара информации, граѓаните загрижени
Поминаа 24 часа од исчезнувањето на 14-годишната Вања, која тргна во училиште и ѝ се губи секаков траг. Полицијата извести дека и во текот на ноќта биле мобилизирани службеници задолжени за нејзино пронаоѓање, а до вчеравечер, семејството Ѓорчевски немаше никакви информации за тоа каде може да се наоѓа девојчето.
Вања, според мајката, излезе од дома вчера (понеделник), во 7:20 часот, а веќе во 7:40 минути, семејството дознало дека девојчето не било на првиот училиштен час. Во 12 часот на пладне, беше објавен и апелот. Мајката Зорица Ѓорчевска за „Скопје1“ појаснува дека Вања немала нарушени односи со семејството, како со мајката, така и со таткото. Во моментот кога „Скопје1“ контактираше со мајката на исчезнатото девојче, родителите беа заедно во исчекување на било каква информација која ќе помогне да се најде детето. Прашана дали има нови информации поврзани со Вања, посочува дека и таа е во исчекување. Тврди дека нејзината ќерка не е девојче која би избегала со некого.
„Разведени сме, но немаме нарушени односи. Еве, секој ден е тука, има клучен од станот. Двајцата сме ориентирани на децата, немаме никакви нарушени односи. Тука е, еве го, со мене е“, вели мајката.
Вчеравечер (понеделник) се огласија и од МВР. Велат дека се трага по младата Вања.
„За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Истрагата продолжува интензивно и во текот на ноќта. Апелираме да не се шират дезинформации, а МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката“, објави МВР.
Исчезнувањето на Вања донесе загриженост и кај јавноста. Апелот е споделен илјадници пати, а има и иницијативи за да се направи граѓанска потрага, со цел побрзо да се најде девојчето.