Спорт

Барса против Порто, Атлетико гостува во Ротердам, две дерби-пресметки во Ф-групата

Барса против Порто, Атлетико гостува во Ротердам, две дерби-пресметки во Ф-групата

Вечерва со натпреварите во групите Е, Ф, Г и Х ќе започне претпоследното коло во Лигата на шампионите. По првите четири рунди шест клуба веќе обезбедија место во нокаут-фазата.

dobivaj vesti na viber

Вечерва на програмата се неколку интересни натпревари, Барселона-Порто во Х групата, двата натпревари во Ф групата: Милан-Борусија Дортмунд и ПСЖ-Њукасл, дуелот во Е групата, Феенорд-Атлетико Мадрид.

Во продлжение погледнете како стојат работите во групите по четири кола:

Група А

Табела: Баерн 12, Копенхаген 4, Галатасарај 4, Манчестер јунајтед 3 бодови.

Баерн си ја заврши работата, го обезбеди првото место во групата. Останатите три екипи ќе се борат за преостанатото место кое води во осминафиналето. Во ова коло Галатасарај го пречекува Манчестер јунајтед, а евентуален пораз би ги исфрлил од игра „црвените ѓаволи“. Копенхаген ќе се надева на реми во Истанбул и се надева дека Баерн нема да запне премногу во дуелот на Алијанц Арената.

Група Б

Табела: Арсенал 9, ПСВ 5, Ленс 5, Севилја 2 бода.

Арсенал е лидер во групата и математички е многу блиску до пласман во следната рунда. Доволен им е бод против Ленс во петтото коло. Истото може да го направи и ПСВ од Ајндховен доколку на гостински терен ја победи Севилја, а Ленс загуби од Арсенал.

Тогаш ПСВ би имал три бода повеќе, но и подобар скор од францускиот вицешампион. Евентуална победа на Севилја над ПСВ би ја искомплицирала ситуацијата во групата, а може да се случи ПСВ, Ленс и Севилја да имаат по пет бода во пресрет на последното коло.

Група Ц

Табела: Реал Мадрид 12, Наполи 7, Брага 3, Унион Берлин 1 бод.

Клубот со најмногу трофеи во историјата на Лигата на шампионите веќе го обезбеди пласманот во осминафиналето, а ќе го потврди првото место во групата доколку не загуби од Наполи на „Сантијаго Бернабеу“. Наполитанците со новиот тренер Валтер Мацари се надеваат дека утре ќе си го обезбедат местото во нокаут-фазата. З да се случи тоа, Наполи ќе треба да оствари ист резултат како Брага, која го пречекува Унион од Берлин со новиот тренер Ненад Бјелица. Унион нема шанси за место во осминафиналето, но ќе се бори за третата позиција во групата.

Група Д

Табела: Реал Сосиедад 10, Интер 10, Салцбург 3, Бенфика 0 бодови.

Сосиедад и Интер се веќе во осминафиналето, а нивниот дуел во последното коло ќе одлучи кој ќе го заземе првото место меѓу 16-те најдобри. На спротивната страна Салцбург и Бенфика се борат за третото место. Се би можело да се реши доколку Салцбург во ова коло оствари подобар резултат од Бенфика. „Биковите“ гостуваат во Сосиедад, а „орлите“ го пречекуваат Интер.

Група Е

Табела: Атлетико Мадрид 8, Лацио 7, Феенорд 6, Селтик 1 бод.

Селтик нема шанси, додека преостанатите три екипи жестоко ќе се борат за осминафиналето. Атлетико би ги решил дилемите доколку го победи Феенорд на гостински терен, а холандскиот шампион ќе остане без шанси во случај на пораз и победа на Лацио над Селтик.

Група Ф

Табела: Дортмунд 7, ПСЖ 6, Милан 5, Њукасл 4 бодови.

Само во оваа група сите екипи имаат шанса да се пласираат во осминафиналето, поради што не очекува голема драма до крајот. Дортмунд би можел да избори виза за осминафиналето со триумф над Милан на гостински терен, а доколку тоа се случи, ПСЖ би имал можност да оди понатаму доколку на „Паркот на принцовите“ биде подобар од Њукасл. Во сите други варијанти, разврската ќе се случи во последната рунда.

Група Г

Табела: Манчестер сити 12, Лајпциг 9, Црвена Звезда 1, Јанг Бојс 1 бод.

Ситуацијата во оваа група е многу јасна. Сити и Лајпциг играат за првото место во групата, додека Звезда и Јанг Бојс се борат за третото место кое води во Лига Европа. Лајпциг мора да го победи европскиот шампион во Манчестер за да ја преземе лидерската позиција, додека победникот од мечот Јанг Бојс – Црвена звезда ќе оди во Лига Европа. Доколку во Берн биде нерешено, Звезда ќе биде во поповолна позиција пред последното коло поради подобрата гол разлика.

Група Х

Табела: Барселона 9, Порто 9, Шахтјор 6, Антверпен 0 бодови.

Барса има шанса да го обезбеди првото место во групата со победа против Порто. Истото би се случило и во случај на нерешен резултат, но само ако Шахтјор загуби од Антверпен, кој е единствениот тим во натпреварувањето без освоен бод. Сепак, многу поверојатно е да се решава во последното коло кога Порто и Шахтјор ќе решат кој ќе оди во осминафиналето.

Макфакс

На почеток