Македонија

По 3.000 денари за пензионерите со пензии до 14.000 денари, 1200 за основци, 1800 за средношколци, Ковачевски ги објави мерките

Основците, средношколците, студентите и пензионерите се првите категории опфатени со новиот пакет мерки за кои е предвидена неколкумесечна парична помош. Мерките, за кои се издвоени 156 милиони евра од буџетот попладнево ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски.

„Во наредните пет месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по три илјади денари месечно. Оние со пензија од 14 – 16 илјади денари ќе добиваат две илјади денари месечно, додека пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187 илјади пензионери“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.

Во новиот, деветти по ред пакет владини мерки за помош, предвидени се мерки за зголемување на училишниот стандард за основците и средношколците од ранливи категории, семејства со ниски примања до 50 илјади денари.

„Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1200 денари односно 1800 денари месечно за што од буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра. 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери од 600 до 1200 денари за што се предвидени 2 милиони евра“, рече премиерот Ковачевски.

 

Во наредните пет месеци по 1000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16. 741 граѓанин со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.

На почеток