Заврши првиот ден од самитот на ОБСЕ во Скопје: во фокусот војната во Украина
Првиот ден од 30. Самит на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) заврши денеска во Скопје и ќе продолжи утре.
Во фокусот на обраќањата на шефовите на делегациите беше војната во Украина, а најголемо внимание, според написите во медиумите, привлече присуството и обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров денеска изјави дека ОБСЕ е пред колапс и дека Западот ги убива шансите за заживување на организацијата.
Ова е првпат Лавров да престојува во европска земја членка на НАТО од почетокот на руската специјална операција во Украина.
Иако изминативе денови се очекуваше средба помеѓу Лавров и државниот секретар на САД Ентони Блинкен бидејќи тие првпат ќе се затекнеа заедно на едно место, тоа не се случи. Имено, Лавров пристигна во Скопје откако Блинкен го напушти и отпатува за Тел Авив, анализираат медиумите во регионот.
На најголемиот меѓународен политички настан организиран во Северна Македонија од нејзината независност присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголемиот број земји-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министрите на земјите членки на ЕУ и НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.
За утре се планирани три настани на теми: Млади и граѓанско општество, За луѓето е влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година и Зачувување на плурализмот, безбедност на новинарките.
Министерскиот состанок започна вчера со неформална вечера на повеќето министри, каде тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
Министрите за надворешни работи на Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија денеска во Скопје, за време на Министерскиот совет на ОБСЕ, потпишаа заедничка декларација за борба против корупцијата.
Шефовите на дипломатиите Ивица Дачиќ, Филип Ивановиќ, Бујар Османи, Елмедин Конаковиќ и Игли Хасани во Заедничката изјава како клучни точки ги наведуваат промоцијата на дигиталните алатки за рано откривање на криминалот, спречување на корупција и зголемена транспарентност, ефикасно користење на алатките за враќање на средствата и зголемување на капацитетот за намалување на ризиците поврзани со дигиталните средства, како што се криптовалутите, во контекст на перење пари.