Македонија

Таткото учествувал во киднапирањето на Вања, целта била да се изнудат пари од мајката – девојчето било закопано

Вања Ѓорчевска освен убиена, била и закопана во околината на Скопје. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Според него, МВР ги има извршителите на двете убиства.

„Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, за три лица има мерка притвор, едно е надвор од државата, а петтото лице, таткото на малолетничката, приведено е, извршен е распит, ќе се преземаат мерки по насока на Обвинителството. Мотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и со знаење на член на семејството, го организирало извршувањето на кривичното дело, за да се изнудат пари од мајката, за понатаму, сите инволвирани да имаат материјална корист“, вели Спасовски.

Било одземено возилото на Панче Жежовски, исто така убиен од групата, и била киднапирана Вања.

„Поради нерасчистени односи со еден од осомничените, неговото возило е одземено за извршување на кривичното дело, за потоа да биде опожарено. Токму со тоа возило е земена малолетничката, од влезот на живеалиштето, откако претходно, според исказите на осомничените, таткото споделил информација со организаторот за излегувањето на малолетничката сама од дома“, додаде Спасовски.

Главниот организатор, бил Љупчо Палески-Палчо кој е избеган.

„Ќе сториме се за да го најдеме, му ја следиме трагата“, додаде Спасовски.

На почеток