Кои се очекувањата за екстрадиција: Од понеделник Турција ќе го преземе барањето од Македонија
Министерот за правда очекува дека Љупчо Палевски релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција.
Сепак рече дека е рано да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови.
Очекува претстојнава седмица Турција да ги земе нашите барања во постапката.
-Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Релативно брзо ние очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција, рече Лога пред почетокот на панел-дискусијата „Активирај се против насилство врз жените и девојките“ што ја организираше неговата партија Алијанса за Албанците.
Министерството за правда во четвртокот го испрати барањето за екстрадиција на Палевски. Од Министерството пред два дена соопштија дека оригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол.