Македонија

Сите лица на Џафери: Од дезертер во АРМ, преку ОНА до министер за одбрана, прв парламентарец и иден премиер

Прв министер за одбрана Албанец и прв премиер Албанец, одличен познавач на собранискиот Деловник, човек кој не премолчува на опозицијата и влегува во жестоки дуели, човек кој го следат контроверзи во работниот век, остар, но и отворен кон медиумите. И покрај сѐ ова, јавноста се уште за него говори како за човек од УЧК, нешто што му носи поени кај Албанците, но му е минус кај Македонците и поле за партиски препукувања. Кој е Талат Џафери кој ќе ја преземе функцијата технички премиер од 28 јануари до изборите на пролет. Функцијата техничка, но со политичка и партиски престижна тежина.

Џафери е роден во гостиварско Форино на 15 април 1962 година. Завршил Воена академија на копнена војска – отсек пешадија во Белград и Сараево, постдипломски студии – Специјализација за командни и штабни должности на Воена академија “Генерал Михајло Апостолски”- Скопје. Џафери е и министер за одбрана.

Офицерот во ЈНА по прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година, стана висок офицер во новоформираната македонска армија каде, стациониран во Тетово и го дочекува воениот конфликт во 2001. Набргу дезертира од АРМ и како командант Форина се приклучува на ОНА која се бореше против македонските безбедносни сили.

Политичката кариера ја започнува по завршување на конфликтот кога од листата на ДУИ во 2002 е избран за пратеник. Оттогаш е значајна фигура на политичката сцена. 2004 ја извршува функцијата заменик министер за одбрана, а потоа 5 години е повторно пратеник.

Џафери сега како претседател на Собранието е главниот поборник против филибастерингот, за што и беше подносител на новиот , сега изгласан Деловник. Како парламентарец пред 11 години го блокираше донесување на законот за бранители. Со денови рецитираше поезија од Ацо Шопов, молчеше, читаше разни извештаи во матичната Комисија за труд социјална политика.

Како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и покрај силното незадоволство на јавноста, во 2013 година е избран за прв Албанец, министер за одбрана.

Остана забележан скандалот кога без придружба од униформирани армиски офицери, како прв човек на одбраната во 2013 година се поклони пред споменикот на УЧК во Слупчане по повод 12 годишнината од Рамковниот договор. Не одговори дали доаѓа приватно или како владина делегација.

Конститутивната седница на пратеничкиот состав, кој беше избран на 11 декември 2016 година, почна со работа на 30 декември истата година, а заврши дури на 27 април 2017 година, со крвавиот четврток. И покрај упадот и насилството, Џафери беше избран за претседател на Собранието, на сред собраниската сала, а неговиот избор беше експресно признат од САД, Европската Унија, како и од меѓународната заедница.

Иако првиот ден ВМРО-ДПМНЕ не му дозволи на Џафери да влезе во кабинетот, првата работна средба сепак ја имаше по неколку дена со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, во кабинетот на собранискиот спикер.

Џафери е прв меѓу еднаквите, кој со однесувањето се однесува поинаку од преходниците, жесток е со пратениците, знае да ги искара и министрите, но и собраниските служби.

„Сите од служба, конкретно од седници, веднаш кај мене, сите позади што седат, сите до еден, вие што сте на плата и уште си е..те мајка овде. Што бараш бе ти овде, ајде бегај таму, бегај, излези“, вака реагираше на техничка грешка на службите.

Законот за употреба на јазиците беше повод да стане од место опозицијата, а Никола Груевски се нафрли врз микрофонот на Џафери, му ја одзеде картичката за гласање и го испрска со вода. Обезбедувањето спречи директен дуел меѓу нив, Законот беше изгласан, но иако Ѓорге Иванов како претседател не сакаше да стави потпис, законот и без негов параф беше објавен во Службен весник. Џафери изјави дека тој има обврска да го испрати законот до Службен весник, бидејќи волјата на Собранието не може да се попречи и тоа ќе се реализира.

Антикорупциска и јавноста реагираа на завршувањето на Академијата за судии и обвинители на неговиот син Барлет. На забелешките на пратеникот Игор Јанушев, Џафери жестоко изјави: „Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери ни ти, ни многу од вас тука не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран“.

Имаше бројни вакви препукувања на Џафери, особено со опозицијата. Сепак познавачите на правната материја и собраниското работење посочуваат дека често бил во право. Џафери го посочуваат како еден од претседателите кои отавија печат при работењето со законодавниот дом.

Иако улогата му е формална, сепак малкумина очекуваат Талат Џафери мисијата „технички премиер“ да ја врши технички, а министрите да ги кара како да се во ученички клупи, како што тоа го правеше во собраниската училница.

На почеток