Арсовска тврди дека легално го украсува Скопје, на исти начин како и нејзините претходници


Скопската градоначалничка Данела Арсовска е децидна дека Скопје секогаш се украсувало преку јавен повик. Според неа, нема ништо спорно во тоа, ниту е прекршен закон. Ова доаѓа откако Обвинителството најави отворање на предмет, бидејќи според законите, за набавки над 1.000 евра треба да се распише тендер.
„Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици.
Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации.
Разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави.
Жалиме што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, дел од медиумите се уште одработуваат политички агенди на заборавени ‘политичари’“, вели Арсовска.
