Свет

(Видео) Снимен напаѓачот во Прага кој уби 15 луѓе

Убиецoт од Прага го најавил масакр со грозоморна порака

Во пукање на факултет во центарот на Прага загинаа повеќе од 15 луѓе, вклучувајќи го и напаѓачот, а над 30 се повредени. На снимката направена во присуство на интервентната полиција се гледа дека напаѓачот во текот на пет минути пукал дури тринаесет пати. На видеото се гледа човек во црна облека и со долга пушка во рака – тип ZEV 308 Win AR10, калибар 7,62, како оди по тротоарот, понекогаш се крие зад камената ограда и пука најмалку тринаесет пати.

Порталот „Сезнам Зправи“ добил увид во споменатата снимка, која дошла од полициски извори, но бидејќи нема авторски права, не можела да ја објави. Затоа ги опиша најважните настани од снимката. „Се криеше! Левата страна, од моја гледна точка. Ајде, тргнувајте“, се слуша како авторот на видеото ја повикува полицијата на акција. „Пука! Пука низ ограда!“, додава тој.

На снимката се слушаат звуци и полицаецот кој зборува на полициското радио додека напаѓачот клечи покрај камената ограда. „Во аголот е! До чешкото знаме, во горниот агол, на шеталиштето, кај Филозофскиот факултет“, опишува полицаецот.

„Дојди овде!“, ги предупредува снимателот сите околу него. На видеото се гледа како напаѓачот се оддалечува и потоа почнува да пука. Тогаш авторот на видеото направи нешто неочекувано и крајно храбро. „Јас сум тука, пукај овде! Дојди овде!“, се обиде да го сврти вниманието на напаѓачот кон него. Полицаецот му вели да се сокрие, но снимателот не се откажува: „Еве ме, тука сум, пукај овде!“

На видеото се гледа како луѓето бегаат. Потоа повторно се слуша полициското радио. Полицаецот известува дека на влезот на Филозофскиот факултет пристигнала патрола и брза помош.

„Треба да им се каже дека можат да влезат внатре, дека напаѓачот е на покривот“, вели полицаецот. Во меѓувреме, напаѓачот се префрла на другата страна на зградата и повторно почнува да цели. Се слуша како пристигнуваат се повеќе полициски автомобили и амбулантни возила.

„Препорачувам ударна сила: снајпер од мостот“, се слуша како вели офицерот. Тогаш авторот на видеото повторно и вели на полицијата да пука: „Ајде пукај!“ Напаѓачот потоа станува и го вперува оружјето кон некого на улица. Се слушаат уште два истрели. Наводно, во тој момент почнала да пука и полицијата, но снимката завршува таму и не е јасно дали тогаш напаѓачот бил погоден.

На почеток