Нови докази за грозоморни борби со кучиња во Охрид: раскрварени миленици и порака „никој ништо не ни може“


Иницијативата за заштита на животните „Лајка“ објави фотографии од раскрварено куче, тврдејќи дека борбите со кучиња во Охрид продолжиле. За ваков случај беше поднесена и кривична пријава, по која не се знае дали Обвинителството постапува.
„Нов доказен материјал со нови “јунаци” кои се палат на туѓ страдеж и крв, и кои јавно се фалат со своето апла прекршување на законите за кое нешто не само прекршочно но и кривично се одговара. И зошто ги има нови? Затоа што институциите потфрлаат, оние кои должни се да доведат ред и законие во нашата земја ги нема нигде и никаде за примена на законите во дело, за вршење контроли, санкции и казни, со која инертност и селективност праќаат сигнал ваквите морбидни ликови да се множат и дополнително силат како тоа “никој ништо не им може”, како тоа “се над законите”. За случајот со борбите во Охрид и натаму молк, и нема никаков абер дека некој кривично одговарал, иако и повеќе од јасно беше кои ликови беа (најверојатно и сѐ уште се) вклучени во таквите грозоморија“, пишуваат од „Лајка“.
Претходно активистите беа децидни дека организаторите и се познати на полицијата но не ги санкционира. Тие се фотографирале и со пехари во рацете. Борбите со кучиња траат се додека едно од нив не биде усмртено. Тоа што ќе преживее, му носи победа на сопственикот.
