Свет

Вучиќ за немирите пред Собранието: -Ниту една револуција не е во тек, ништо нема да успее

Српскиот претседател, Александар Вучиќ вели дека сцените се драматични пред Градското собрание но ги повика граѓаните да не се грижат. Тој  нагласи дека на улиците се собрале околу 2.490 луѓе.

-Ниту една револуција не е во тек, ништо нема да успее. И ќе се обидеме да не повредиме никого со нежна и смирена реакција. Во овој момент заедно со оние кои сакаат да влезат во Градското собрание има вкупно околу 1.900 луѓе. Некои вечерва го покажаа своето лице и дека насилството им е единствениот начин да се борат. Со денови кажуваме дека се подготвуваат за ова, бидејќи знаат дека не можат да ја добијат довербата на народот“, посочи Вучиќ, пренесоа српските медиуми.

Тој вели дека многумина во регионот се радуваат и ја слават „револуцијата“ во Белград.

„Тоа е производ на многу посериозни геополитички околности, во кои се обидуваат да ја урнат автономијата и независноста на Србија. Ќе ја зачуваме слободата на Србија, бидејќи тоа е највисоката вредност. Ние ќе ја браниме нашата Србија, само ве молам да го задржите мирот. Бидете мирни, земјата е безбедна и нема да дозволиме да ја уништат државата. Да живее Србија, да живее слободата!“, рече Вучиќ.

Претходно група демонстранти и претставници на листата „Србија против насилството“ го разбија стаклото на влезната врата на градското собрание, а полицијата ги растера со солзавец.

Во Србија со денови „Србија против насилството“ протестира, тврдејќи дека Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

На почеток