Свет

Израел изврши еден од тешките напади од почетокот на војната

Во воздушните напади на Израел загинаа најмалку 78 лица во Газа, соопштија палестинските здравствени власти, во една од најсмртоносните ноќи во опколената енклава за време на 11-неделната војна на Израел со Хамас. Папата Фрањо рече дека пораката на Исус за мир била задушена од „залудна логика на војната“ во земјата каде што е роден.

Најмалку 70 лица загинаа во израелски воздушен напад врз Магази во центарот на Газа, соопшти портпаролот на Министерството за здравство Ашраф Ал-Кидра, додавајќи дека многумина се жени и деца. Израелската војска соопшти дека го разгледува извештајот за инцидентот во Магази и дека е посветена на минимизирање на штетата на цивилите.

Хамас ги негира обвинувањата на Израел дека дејствува во густо населените области или користи цивили како жив штит.

Палестинската Црвена полумесечина објави снимка на ранети жители кои се транспортираат во болници. Израелски воени авиони ги бомбардираа главните патишта, попречувајќи го минувањето на возилата за итни случаи. Лекарите соопштија дека осум Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз Кан Јунис во јужниот дел на Газа.

Свештениците ги откажаа прославите во Витлеем, палестинскиот град на Западниот Брег, каде што христијанската традиција вели дека Исус е роден пред 2.000 години. Палестинските христијани наместо вообичаените прослави, одржаа божиќно бдеење со свеќи во Витлеем со песни и молитви за мир во Газа.

Немаше големо дрво, вообичаеното централно место на божиќните прослави во Витлеем. Помеѓу урнатините и бодликавата жица беа поставени фигури на Христовото раѓање во црквите во знак на солидарност со жителите на Газа.

На почеток