Законски е етничката припадност да биде услов за вработување на медицинари, се правдаат Меџити и Ковачевски
Министерот за здравство, Фатмир Меџити смета дека етничката припадност не треба да има предност пред професионалноста при вработувања во здравството, а со тоа се согласи и премиерот Димитар Ковачевски. Но, според двајцата, мора да се почитува законот кој предвидува правична застапеност на етничките заедници дури и во здравството.
„Пред објавување на конкурс, огласот се одобрува од Управниот одбор. Според членот 5 се планира обврска за вработување, согласно начело за праведна застапеност. Во член 20 стои прераспределба на бројот на вработувања да биде за правична застапеност. Се согласувам со вас дека искуството и знаењето е пред се“, рече Меџити.
Ковачевски рече дека треба се смени законот.
„Тоа е законот, огласот мора да е врз основа на закон. Јас сум кажал, етничка припадност не може да биде професија, тоа е професија само на Западен Балкан. Етничка припадност не игра улога во професионалноста“, кажа Ковачевски.
За ова имаше остра реакција од докторот Ненад Лазаров.