Вооружен грабеж во Гостивар: со пиштоли влегле во фабрика за канабис, го врзале чуварот со жица, па украле 44 вреќи
Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, на 26 ноември, извршиле разбојништво во фабрика за производство на канабис за медицински цели во атарот на селото Чегране. Вооружени со огнено оружје, најпрвин физички го нападнале вработениот во обезбедувањето на фабриката, му се заканиле и со метална жица му ги врзале рацете, а потоа го затвориле во тоалетот. Со метална хебла насилно ја отвориле вратата на фабриката и противправно одзеле 44 вреќи со вкупно 552,85 килограми неисчистен канабис, кои ги натовариле во камион и го напуштиле местото на настанот.
Постојат околности кои укажуваат дека осомничените од Дебар, Струга и Гостивар, од кои најмладиот има 18, а најстариот 39 години, би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и да го повторат делото, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите петмина. Основниот суд во Гостивар го прифати предлог и им определи притворска мерка.