Македонија

(Видео) Дрин Ахмети за „Скопје1“: Пиротехниката е легално купена, подароците беа за моите внуци

Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, за „Скопје1“ вели дека пиротехниката најдена во неговиот автомобил била легално купена, а не била наменета за никаква препродажба. Тој не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе бие правна битка.

„Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци“, вели Дрин Ахмети за „Скопје1“.

„Скопје1“ прв објави за апсењето на Дрин Ахмети. Полиција го застана на рутинска контрола на Пластичарската улица во Скопје, а потоа заврши во полициска станица. Објавивме и снимки, каде Ахмети, заедно со полицајците пребројуваа пиротехника во неговиот автомобил, па го однесоа во станица. Спред МВР, имаше вкупно 749 пиротехнички средства.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Скопје1 / Skopje1 (@skopje1mk)

Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, прославуваше три години во „Тхор индустрис“. Ова е фирмата која го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје, купопродажба проследена со низа контроверзи и неодговорени прашања. Никогаш не се дозна колку чинело купувањето, освен дека фирмата на Ахмети треба да исплати долг од 20 милиони евра на претходниот сопственик. Не се знае ниту што правел Дрин Ахмети со цел арсенал пиротехника во неговиот џип.

Каква одговорност ќе понесе бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети и тазе газда на „Соравија“, засега не се знае. Обвинителството потврдува дека МВР ги известило за настанот. Сега, ќе се прават вештачења, за да се види какво кривично дело сторил Ахмети.

На почеток