Македонија

Молк по теориите за убиството на Вања: Автентични снимки од таткото, без одговор зошто таргет било ова девојче

Институционален молк за тврдењата на српскиот политичар Срѓан Ного, кој три дена јавно објавува снимки, теории и тврдења поврзани со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Србинот Ного ја обвини полицијата за неспособност, Обвинителството за непрофесионализам, таткото Александар Ѓорчевски го прогласи за херој кој го расчистил случајот и ги поврзал двете убиства. Никој не излезе со демант, потврда или било каков став по ваквите објавени наводи. Освен дека објавата на снимките од страна на Ного нема да ѝ штетат на истрагата, Обвинителството со тотален молк околу тоа како тој може да ги поседува.

Во видеото кое трае еден час, политичарот Ного изнесе и сериозни тврдења, меѓу кои и дека се подготвувала ликвидација на Ѓорчевски додека е тој во затвор. Всушност, Ѓорчевски е претставен како жртва бидејќи го открил случајот, а планот бил поинаков. Во врска со истрагата, политичарот посочува дека требало покрај Вања, да се ликвидира и нејзината сестра. Ова го носи како заклучок од тезата дека грабнувањето требало да се случи во петокот наместо кобниот понеделник (27 ноември), кога убиената Вања и сестра ѝ заедно отишле во училиште. Но главното прашање остана неодговорено: „зошто?“.

Ного објави и дека првоосомничениот за двете убиства, кој е во екстрадиционен притвор, Љупчо Палевски-Палчо имал дојави од полиција. Тезата ја темели на фактот што министерот Оливер Спасовски на прес-конференција кажа дека автомобилот на Жежовски со кој е киднапирана Вања не бил пријавен во МВР – па оттука, политичарот Ного смета дека Палчо знаел дека полицијата не трага по возилото, по што решил да го искористи за грабнувањето. Но, оваа теза остана непоткрепена со било каков доказ во неговото видео.

Снимките кои ги поседува Ного, а ги објави јавно, се од надзорните камери на повеќе објекти во Дебар маало. Сите овие снимки ги поседувал токму Александар Ѓорчевски, тврди Ного, па посочува: „Сите ги доставил до полицијата“. Прво од фризерски салон лоциран спроти зградата од каде Вања е киднапирана, потоа од кафулето „Синдикат“, па од седиштето на „Лукоил“ на Партизанска, па петта камера од објект на булеварот „Партизански одреди“. Доколку снимките се предадени на полицијата, тие се дел од доказниот материјал на Обвинителството. Ова значи дека повеќе лица имале допир до нив, но не се знае кој ги пуштил дури до Србија. Шест часа по објавеното видео, ниту МВР, ниту Обвинителството не излегоа со став дали ќе испитаат како истекуваат материјалите.

Дел од снимките од надзорните камери се преснимени од екран, се забележува од видеото на српскиот политичар. А додека тие се емитуваат, се слуша гласот на таткото Александар, чија автентичност за „Скопје1“ ја потврди неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Снимките со гласот на Александар Ѓорчевски се чисти, нема шум, ниту пак задушен тон – што значи дека уредот со кој бил снимал бил поставен на површина блиску до него. На снимките, Ѓорчевски објаснува како се движи „цитроенот“ на 27 ноември, во кој била неговата ќерка Вања. Кога е снимен Ѓорчевски, исто така е непознат детал.

„Како бранител на Александар можам да потврдам дека на јавно објавените аудио материјали се слуша гласот на Александар, таткото на несреќното дете, и разговорот е автентичен“, изјави вчера Туфегџиќ за „Скопје1“.

Адвокатот Туфегџиќ потврдува: Разговорот е автентичен, се слуша гласот на таткото на Вања

Веќе во вторник адвокатот најави дека ќе бара средба со надлежниот обвинител во врска со овие тврдења, но и за целиот случај, вклучувајќи ги и причините за притворот, материјалните докази, поврзаноста.

„Скопје1“ побара одговори од двете институции кои водеа истраги. Во Обвинителство прашавме дали ќе потврдат или демантираат било кое од неколкуте тврдења на српскиот политичар, дали објавените снимки се дел од предметот, дали ќе проверат како завршиле во Србија, но и, дали има било каков материјален доказ кој покажува поврзаност меѓу Ѓорчевски и Палчо, освен исказ на еден од осомничените. Оттаму очекуваме одговори.

Во МВР пак, прашавме, дали снимките објавени од политичарот се материјали кои полицијата ги добила преку таткото за време на истрагата, дали е точно дека таткото им помагал за време на истрагата, како и дали снимките протекле од нивните фиоки. Со оглед дека во видеото имаше тврдење дека таргет била и сестрата на Вања, прашавме дали нејзиниот живот сега е загрозен, како и дали тие поседуваат снимка каде Ѓорчевски раскажува по кои улици се движи возилото „цитроен“, која што беше јавно објавена. И оттаму очекуваме одговор.

To Top