Македонија

Маричиќ: Македонскиот пасош да биде европски, битка и обврска за 2024 година

Европската иднина е клучна за граѓаните, а СДСМ продолжува во остварување на процесот на евроинтеграциите, каде што навистина припаѓаме. Целта е да успееме ние самите македонскиот пасош да биде европски пасош, и ова е една од обврските и битките која е пред нас и во 2024 година, рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер, Бојан Маричиќ во Утринска на Канал 5 Телевизија.

-Борбата е да имаме еднакви можности, а не да земаме други пасоши. Не е тоа ништо недостижно, ниту нешто што ние не можеме да го направиме. Напротив, јас сум често во Брисел и во држави членки на ЕУ и ние не сме ништо помалку вредни, ништо помалку способни од сите тие други нации, рече Маричиќ.

Тој потенцираше дека, иако изминатите години беа кризни од различни причини како држава направивме многу за да излеземе од тие кризи успешно.

-Ние сме поднеле големи жртви и сметам дека треба да го изодиме тој пат до крај за наше добро, за ничиј друг интерес. Изминативе три години беа кризни години од различни причини. Но, ние направивме и како држава и како институции многу за да излеземе од тие кризи поуспешно од некои други држави. На пример, Хрватска денеска е сосема поинаква држава од пред 10 години кога влегоа во ЕУ. Денеска функционираат како секоја европска држава. Ние не сме ништо помалку вредни., потенцираше Маричиќ.

Најважно е да не застанеме и да не се вратиме назад, затоа сум убеден дека граѓаните на изборите ќе одлучат државата да продолжи напред, потенцираше Маричиќ.
-Јас сум убеден дека изборите ќе бидат успешни, дека граѓаните ќе бидат за државата да продолжи напред. Најбитно е да не застанеме во место и да се вратиме назад, рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер Бојан Маричиќ.

На почеток