Македонија

(Видео) Вевчанските маски пред палење, верските чувства зовриени: Пред 11 години им се налутија муслиманите, сега православните

Маските пред палење, но лошите духови остануваат. Албанците реагираат за кечето на маската со која вевчанци го претставија „новиот директор на М-НАВ“, православните верници на маската со Исус и крстовите од гајби пиво. Двете страни се револтирани од овогодинешните маски на Вевчанскиот карневал. Албанците реагираат со ставот дека „кечето е свето за нас“, а православните со „ова е сквернавење на Бог“. Реакции од верници за Вевчанскиот карневал нема за првпат, кога пред 11 години пародиите со Куранот донесоа хаос во Струга.

Организаторите не се изјасниле, ниту извиниле за сатирата со крстот од пивски гајби и маските со Исус, иако на социјалните мрежи атмосферата е зовриена. Молк и од градоначалникот Спасе Кочовски. Маската пак, и натаму се коментира. Но нема реакција ниту од Македонската православна црква, иако се бараше да излезат со осуда.

Повредени верски чувства имаше и кај муслиманите пред 11 години. Тогаш, маска со Куранот, беше протолкувана како исмејување на исламот, наместо како сатира. Имаше протест и редица инциденти – сѐ до смртни закани до православните. Од овој момент, беше воспоставена пракса да нема маски со кои можат да се протолкуваат како навредливи кон верските чувства.

Маската на Вевчански карневал која ги разгоре верските чувства кај муслиманите / ФОТО Дојче Веле

Од каде идејата одново да се воспостави лошата пракса која буди остри негативни реакции кај верниците со ваков вид сатира, нема став од органиазторите. Јасно е само дека целта не била навредување на православието, туку сатирично отсликување на реалноста.

Попладнево, околу 18 часот, во центарот на Вевчани ќе се запалат маските.

На почеток