Македонија

(Видео) Не им помина шемата за кражба на државата: УЈП фати фирми кои пробаа да испумпаат пари, сопствениците ги префрлиле фирмите на странци

Три компании пробале да испумпуваат пари од УЈП со фиктивни фактури. Се регистрирале дека извршуваат дејност продажба на нафтени деривати, а немале ниту лиценци, ниту вработени. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на брифинг со новинарите кажа дека буџетот не е оштетен бидејќи не е одобрена исплата на ДДВ-то, а обидите од државата да се одземат 160.117.122 денари биле неуспешни. Кога почнале контролите од УЈП, почнале и промените на сопственичките структури на трите фирми. Како што влегувале инспекторите, така македонските државјани, фирмите ги префрлиле на хрватски и косовски државјани. Дека помеѓу сите три фирми имало поврзаност, покажува и фактот што фирма која злоупотребувала податоци од добавувач и злоупотребениот добавувач имале исто сметководствено биро.

Случај 1

Фирмата била со основна дејност трговија со нафтени деривати. Обидот бил да се оштети буџетот со ДДВ од 79.350.190. Оваа фирма со контролите на УЈП почнала да менува и адреса. На старата адреса каде фирмата била регистрирана имало стара семејна куќа, а на новата адреса има трговски центар.

„Пријавените адреси се фиктивни“, кажа Лукаревска.

Освен адреса, оваа фирма променила и сопственик.

„Извршена е промената на сопственичка структура и како нов сопственик се јавува државјанка на Хрватска. Преносот била извршен без надомест со сите побарувања и обврски и салдо на залихи во милионски износи“, кажа Лукаревска.

Книговодствените траги се избришани.

„Сите книговодствени евиденции, во сметководственото биро, се избришани. А претходниот сопственик ги подигнал сите документи од сметководителот и избегал. На контролата не и е доставена никаква деловна документација. За обавување на дејноста, правното лице нема лиценца за обавување на дејност, нема бензинска пумпа, ниту складишен простор за чување на нафтата. Даночниот обврзник издавал и примал фиктивни фактури. Како од правни лица кои се ДДВ обврзници така и од правни лица кои не се ДДВ обврзници“, кажа Лукаревска.

Проверки имало и кај добавувачите.

„Издадени се фиктивни деловни фактури кон обврзник 1, издадени се фиктивни влезни фактури кон обврзник 1 и воопшто нема деловно-должнички односи. Контролата утврди дека даночниот обврзник број еден има евидентирано залихи, а нема ниту бензинска пумпа, ниту нафтени залихи“, додава таа.

Случај 2

И во овој случај, фирмата се пријавила дека работи со нафтени деривати, а немала ниту лиценца, ниту складиште.

„Даночниот обврзник помалку пресметал ДДВ, во вредност од 26.090.205 денари. Извршена е контрола. Врз основа на договор за пренос на удел во 2023 година извршена е промена на основачката структура, а како нов сопственик е државјанин на Косово. Престанал да ја обавува својата дејност и продолжува со трговија на нафтени деривати“, кажа Лукаревска на брифингот.

Таа додава дека фирмата имала сметководствени залихи на нафтени деривати, а немала ниту складиште.

„Нема лиценца, нема складиште, нема бензиска пумпа, не исполнува услови за обавување на оваа дејност. Од извршената контрола кај даночниот обврзник број два, истиот во контролираниот период искажал набавка на нафта преку 80 фактури во милионски износи, од двајца добавувачи. Факторите не се книжени во сметководство кај добавувачите, ниту пак, ги покажале фактурите за ДДВ. Констатираната обврска покажува дека нема деловно-должнично доверителски односи, влезните фактури кај даночниот обврзник од добавувачите не се книжени како излезни фактури. Сметководствено тој има залихи, а нема складишен простор ниту нафтени деривати“, додаде Лукаревска.

Случај 3

Оваа фирма има ист сопственик како и на фирмата. Преку неа, лицето, македонски државјанин се обидел да испумпа 54.676.727 денари.

„Основана е на крајот од 2022 година, во 2023 година е извршена промена на седиште, како и сопственичка структура. Како нов основач и сопственик, се јавува државјанин на Косово. Нема лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати, нема складиште“, вели Лукаревска.

Проверувани се и добавувачите, со чии фактури, имало обид да се испумпаат државни пари.

„Кај добавувач е констатирано дека нема деловно-доверителски-должнички односи. Во 2023 година е извршена набавка на нафтени деривати во милионски износи. Само една фактура има кај добавувачот, која е пониска за 43 пати. Други фактури нема“, вели Лукаревска.

Инспекторите укажале на добавувачите дека им биле злоупотребени податоците како што се име на фирма, лого, адреса – а тие наместо реакција, се насмеале на инспекторите.

„Истите тие само ни се насмеаа“, рече Лукаревска.

Сличности меѓу фирмите и случаите

Заедничко за првиот и третиот случај е што фирмите имале ист сопственик пред промената во Централен регистар. Сопственикот кој бил од Македонија, сменил и презиме. А ова го правдал, дека го прави поради фамилијарни причини. Фирмите имале и исто сметководствено биро.

„Ова лице извршило промена на презиме наводно поради фамилијарни односи. Овластен сметководител е исто правно лице“, вели Лукаревска.

Таа укажува на поврзаност, а случаите од ноември месец се во рацете на Обвинителството.

„Во сите случаи има меѓусебна поврзаност од различни аспекти. Упатува на тоа дека е однапред смислена шема, со цел изигрување на законот и стекнување на противправна имотна корист. Доказите се доставени до истражните органи согласно нивните надлежности. УЈП има доставено писмена пријава до ОЈО и МВР на 15.11.2023 година“, додава Лукаревска, која укажа дека пријава има и Финансиската полиција.

„Од контролите се констатира дека станува вид за добро разработен систем“, кажа Лукаревска.

Кај ниту еден од случаите, поврат не бил одобрен. Фирмите се од кумановско-липковскиот регион.

На почеток