Пешов и Ристовски незаконски биле држени во притвор за „27 април“ пресече Европскиот суд: Немало факти дека постоел ризик за бегство
Адвокатката Павлина Зефиќ, бранител на обвинетиот Митко Пешов во случајот „27 април“, објави дека Европскиот суд за човекови права пресудил дека Пешов, но и Спиро Ристовски, незаконски биле држени во притвор со одлука Кривичен суд.
„Втора пресуда на Европскиот суд за човекови права, во која се утврдува повреда за обвинетиот Митко Пешов, обвинет во предметот 27-ми Април, во постапката со одредување на мерката притвор од домашните судови. Мали износи на штета, но за нас голема сатисфакција зошто знам дека ќе следуват и други пресуди со повреди од судот во Стразбург за оваа постапка. Се надевам судовите ќе извлечат поука и ќе ја променат праксата со притворите, за да не плаќаат граѓаните за нивните грешки!“, напиша Зефиќ.
Европскиот суд цени дека немало конкретен факт дека Пешов и Ристовски ќе бегаат
„Во текот на разгледуваниот период, ризикот од бегство на апликантите беше оправдан од властите во однос на тежината, политичкиот мотив, целта и начинот на извршување или последиците од делото, како и степенот на кривичната одговорност и тежината на потенцијалната казна. Судовите не покажаа постоење на ниту еден конкретен факт во прилог на нивните заклучоци дека постоел ризик од бегство“, стои во пресудата на ЕСЧП.