Идната недела Ковачевски си заминува од функцијата, тврди дека со Мицкоски можат да се договрат и на телефон за техничката Влада
Наредната недела ќе стигнат во Собрание оставките на премиерот и министрите, за да на сцена стапи техничката Влада која ќе раководи со Македонија во наредните сто дена до избори. Не се очекува одржување на лидерска средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти, според првиот човек на Владата во заминување, многу работи можат да се завршат и на телефон.
„Многу работи може и на телефон да се завршат. Ние имаме и заеднички пријатели, има работи кои можат да се направат од техничка природа, договарање на термини, а да се направи на таков начин. Комуникација имаме“, кажа Ковачевски на прашање дали ќе има лидерска средба.
Утрово состаноци се одржале и со идниот претседател на Собранието за време на техничката Влада, Јован Митревски, како и со идниот технички премиер Талат Џафери.
„Имав состанок со Џафери и пратениците од СДСМ. Разговаравме за законските рамки за оставка, избор на техничка Влада. Ќе биде на крајот од идната недела, согласно законските рокови“, кажа Ковачевски.
Неизвесно е кој ќе биде кандидат за претседател на СДСМ, бидејќи според Ковачевски, тоа ќе го одлучат органите на партијата.