Македонија

Судскиот совет не презема ништо за политичките притисоци, а судството има 28% доверба, рече Димовска од Судски совет и најави дека ќе застане на страна на Адеми

Судијката Антоанета Димовска, член на Судскиот совет, ги нападна колегите бидејќи смета дека ова највисоко судско тело не им помага на судиите кога имаат политички притисоци. Повика да се фрлат ракавиците и да се кажува сѐ отворено, а проблемот да се решава. Посочи дека ќе гласа за запирање на постапката за разрешување на Беса Адеми.

„Овој случај е навистина залужува да го претресеме од сите страни. Во образложението стои дека таа оневзможила Судски совет да ги испита притисоците. Политичките притисоци се многу голем проблем. Јас не можамд а кажам дека мене некој ме притискал, но мојата перцепција како граѓанин и судија е таква – дека постои. Да го докажам – не можам. Кога ќе ме притисне некој мене, ќе кажам дека тој и тој ми вршеше притисок. Прашањето е што направивме ние? Ете претседателката кажа дека одолеале на политичкиот притисок, а што направивме ние? Ги викнавме ли судиите? Ги прашавме ли од кого доаѓаат? Што правиме ние како Судски совет за да го испитаме овој случај. Судскиот совет не презема ништо!“, рече Димовска.

Таа појасни дека сега е јануари, а не е преземено ништо по наводите дека Адеми трпела притисоци. Смета дека „не е точно дека судството нема 1% процент доверба, бидејќи светска (н.з.) направи независна анкета 28 отсто доверба, што не е за гордеење. Престанете да викате дека има 1% доверба. Повеќето судии работат како кртици, во услови кои државата не им ги даваат. Не знам зошто граѓаните бараат правда во судовите кога не веруваат“.

„Ако некој судија имал притисок, зошто тоа не го каже јавно? Зошто не го каже во институцијата која е повикана, Судскиот совет? Тие процениле дека ќе ја известат јавноста, дека не сакаат да обелоденат од кого. Со тоа не се согласувам. Ако сакаме да имаме правна држава, посебно врховен судија, треба да каже: “точно е имав притисок од тој и тој за тој и тој предмет”. Цел свет ни кажува дека имаме проблем!“, додаде Димовска.

Објасни дека членовите на Судски совет не се непријатели на судиите и побара почит, за да се работи работата како што треба.

На почеток