Убеден сум дека таткото не е инволвиран во убиството на Вања, Вишо итно да го провери постапувањето на обвинителката, бара Туфегџиќ
Поради начинот на воспоставување надлежност, криење на докази, игнорирање и молк, адвокатот Владимир Туфегџиќ поднесе барање до Вишото јавно обвинителство да ја провери законитоста при постапувањето на скопското Обвинителство во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Туфегџиќ, кој е бранител на Александар Ѓорчевски, татко на Вања, за „Скопје1“ посочува дека обвинителот од скопското Обвинителство има конфузна и неоснована теорија. Посочува дека поднел неколку ургенции за да ги добие доказите со кои Ѓорчевски е во притвор. Тврди дека добил само игнорантски однос од обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска.
„Подолго од еден месец трае молкот и игнорирањето на одбраната по однос на доказите од страна на обвинителството, со што се кршат основните елементарни права на одбрана на осомничениот. Факт е дека тајноста на истрагата е неспорна, но исто така е неспорно дека на избраниот бранител мора да му бидат доставени истите докази со кои располага бранителот по службена должност, ангажиран во почетната фаза од постапката од страна на судот и обвинителството. По завршувањето на мандатот адвокатот по службена должност нема обврска да ги предаде овие докази изведени во негово присуство на избраниот бранител.
Обвинителот е должен да објасни кои се причините што овие докази кои се изведени во текот на краткотрајниот притвор не ги доставува и после четири ургенции“, вели адвокатот Туфегџиќ за „Скопје1“.
Тој бара Вишото јавно обвинителство да изврши надзор во постапувањето на скопското Обвинителство и обвинителката Крстевска Јосифоска, оти се сомнева на незаконски пропусти.
„Освен тоа, денеска до надлежниот Јавен обвинител е доставено барање за известување согласно која законска процедура е воспоставена надлежноста за постапување на ОЈО Скопје во овој кривичен предмет, пред сѐ од причина што трагичниот настан се случил на подрачје од надлежност на ОЈО Велес и постапувал и превземал дејствија надлежен Јавен обвинител од ОЈО Велес. Сметам дека ова е клучно и суштинско прашање пред сѐ поради законитоста во постапувањето, за кое нешто судот и обвинителството внимаваат по службена должност. Освен тоа, до Вишото Јавно обвинителство е поднесено барање за надзор над законитоста во постапувањето на ОЈО Скопје по овој кривичен предмет“, додава Туфегџиќ.
Тој посочува дека е убеден дека таткото Ѓорчевски не е инволвиран во трагедијата, ниту имал мотив да учествува на било каков начин.
„Сите овие дејствија за мојот клиент ги преземам пред сѐ поради тоа што сум лично силно убеден дека со ништо не е инволвиран во оваа трагедија, ниту имал било каков силен мотив да учествува на било каков начин во ваков грозоморен чин насочен против сопствената ќерка. Едноставно, теоријата на случај на обвинителството презентирана во јавноста е во целост конфузна, неоснована и без јасен мотив и логична поврзаност со лица и настани“ посочува Туфегџиќ.
„Скопје1“ објави дека додека во јавност протекуваат снимки од истрагата за убиствата на Вања и Панче, Обвинителството смета дека истрагата и натаму е тајна и немаат намера да одговорат на ниту едно прашање поврзано со неа, како и на обвинувањата за нивниот непрофесионализам кои дојдоа од соседна Србија.