Што е толку тајно во истрагата за убиството на Вања?
Додека во јавноста протекуваат снимки од истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Обвинителството смета дека истрагата и натаму е тајна, а тие немаат намера да одговорат на ниту едно прашање поврзано со неа, како и на обвинувањата за нивниот непрофесионализам. Информации од јавен интерес за убиствата, не може да добие ниту Владимир Туфегџиќ, бранител на осомничен во случајот.
Скоро два месеци по убиствата и десет дена од објавените видео-записи од надзорни камери, каде се гледа убиениот Жежовски и автомобилот со кој е киднапирана Вања – обвинителот нема одговор како овие докази од постапката се нашле во рацете на српскиот политичар Срѓан Ного. „Скопје1“ побара одговори и дали скопското Обвинителство има намера да провери како овие материјали завршиле дури во Србија, но дури и тој податок е таен. Истовремено, во недостиг на одговори, се шират разни теории за убиствата, кои и натаму се нерасчистени, со оглед дека има осомничени, но не и обвинети лица.
„Ништо од тоа што прашуваш не може да биде споделено со јавност“, велат од Службата за односи со јавност на Обвинителството.
Ваков однос на скопското Обвинителство за овој случај е нов, ако се има во предвид дека на почетокот беше одржана и прес-конференција, каде токму шефот на оваа истражна институција зборуваше за мотивите за убиствата, кој признал вина, кој негирал. Беше соопштено дури и дека првоосомничениот бил организатор и реализатор на убиствата. Беа споделувани детали и од исказите во полиција.
„Ние ги знаеме мотивите, од исказите на осомничените. Однапред кога се договарале, мотивите биле парите – да се земат пари од мајката на детето. Постапката за изнуда не почнала“, кажа шефот на обвинителите Бубевски на 4 декември, па додаде и: „Досегашниот негов исказ во полиција јас кој го знам, не знам дали ќе се смени, сѐ уште таткото ги негира овие дејствија. Ние неговата инволвираност која сметаме дека е посредна, ја вадиме од контекстот на другите инволвирани во случајот, едното лице кажало дека сѐ ова го знае од контактот со таткото. Ќе се бара негово обезбедување, имаме основи на сомнение“.
На прашање до скопското Обвинителство како може постапката да е тајна ако самите на прес-конференција откриваа детали од истрага, тие го сменија наративот.
„Обвинителството се труди да е максимално транспарентно колку што дозволува постапката во секој предмет поединечно. На прес конференцијата точно беа посочени доказите на кои се темелат првичните сознанија“, рече раководителката Билјана Арсовска од Службата за односи со јавност на Обвинителството.
На реакцијата до Обвинителството дека веќе се споделувани информации од предметот, како и дека во минатото не криеле кога се испитува одредена работа во тек на истрага, како што сега е прашањето како снимките завршиле во Србија – оттаму посочуваат дека оваа теза не е точна.
Дека скопското Обвинителство открива што испитува и кои околности, говорат и нивните соопштенија. Последно во низата е соопштението објавено на 14 јануари за претреси во Скопје, каде меѓу другото, се наведува: „Во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби“.
На реакцијата од „Скопје1“ до раководителката Билјана Арсовска од Службата за односи со јавност на Обвинителството, дека имаат двојни аршини, таа ја кажа тезата која вообичаено ја има министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и одговори: „Јавното обвинителство нема да води истрага за ниту едно кривично дело во медиумите и ги објавува само оние информации кои не можат да и наштетат на постапката“.
Игнорантски однос од Обвинителството за случајот со убиството имаат и адвокатите. Владимир Туфегџиќ, бранител на осомничениот Александар Ѓорчевски за „Скопје1“ посочува дека до сега има поднеено три ургенции.
„До овој момент како бранител имам поднесено три писмени ургенции за постапување до надлежниот Јавен обвинител како и барање за распит на осомничен и доставување на искази на осомничени дадени во предистражната постапка во време на краткотраен притвор. Јавното обвинителство во повеќе наврати излезе со соопштение за јавност кои доколку внимателно ги прочитате, се скоро идентични и во кои се тврди дека лицето има дадено исказ. Појаснувам дека мојот клиент има дадено исказ во предистражната постапка во времетраењето на краткотрајниот притвор и нема дадено исказ во истражната постапка по донесување на наредбата за истрага“, вели Туфегџиќ за „Скопје1“.
Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција. Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.