Македонија

Палевски планирал бегство во Москва и купил карта, телефонот го користел по времето кога се убиени Вања и Панче – нови докази во судница

Љупчо Палевски-Палчо кој велеше дека не бегал и дека бил на лекување во Турција, во критичните моменти по убиството на Вања, спас барал во Москва, тврди Обвинителството. Обвинителите презентираа докази според кои, Палевски на 1 декември го известил извесен Драган (кој бил во Русија), дека стигнува на 5 декември, а извесен Хусеин го известил дека резервирал авионска карта за Минск (Белорусија).

На рочиштето се анализираа сите комуникации на Палевски. Меѓу другото и на двата критични дена – 22 ноември кога е убиен Панче и 27 ноември кога е убиена Вања.

Со анализата е утврдено дека на 22 ноември, Палевски имал 7 пропуштени повици. Првиот разговор го остварил во 12 часот – време кога според вештачењата, Панче е веќе убиен и фрлен во бунар.

Од анализата на повиците на 27 ноември, кога е Вања убиена, призлегло дека Палевски зборувал на „Телеграм“ во 11:03 минути, кога Вања е веќе убиена и закопана на местото викано „Дупки“ (Скопска Црна Гора). Пред овој повик, имал два пропуштени. Читани беа и пораки од телефонот на Палевски, разменети на „Вибер“, денот кога Вања е убиена. Па така, околу 10:40 минути, непознато лице (потпишано како „ГГ шампион 2“) го прашало Палевски дали мoже да помине на кафе, на што добива одговор дека е уморен и неспиен.

„На ‘Ватсап’ битна е комуникацијата на 27.11.2023 во 10.40 часот со едно лице кое го прашува Палевски дали може да помине со извесен Ферат на кафе, на што Палевски му вели дека е уморен, цела ноќ неспиен“, рече обвинителката презентирајќи ги доказите.

Со ова, Обвинителството сака да докаже дека Палевски, пред изврување на двете убиства, не го користел мобилниот уред. Но и дека тој не патувал на лекување во Србија и Турција, туку планот бил бегство во далечната Русија, преку Белорусија.

На почеток