Македонија

Жестока партиска пинг-понг партија, виси пржинската Влада или нејзиниот кредибилитет

Фер и демократски избори беше основната цел при долгото и мачното формирање на Пржинската Влада. За првпат на овие избори, по два изборни циклуси, ова се доведува во прашање. Позицијата и опозицијата се пресметуваат и препукуваат јавно, кој што би ќарил кај гласачите. Ценкањето почна со ВМРО-ДПМНЕ кои понудија да нема техничка Влада, а со цел, Талат Џафери да не биде избран за технички премиер. Ова беше одбиено од СДСМ и ДУИ, кои кажаа дека техничка Влада може да нема, но од следните изборни циклуси. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ќе размисли дали ќе учествува, за на крај, лидерот Христијан Мицкоски да излезе со став дека ќе влезат со свои технички министри и заменици, но Џафери нема да го гласаат.

Кога веќе почнаа да се договараат за датумите и процедурите, актуелниот премиер Димитар Ковачевски, вчера излезе со сосема нов став, дека власта нема да ги гласа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, доколку опозициската партија не ја гласа техничката Влада на чело со Џафери. Мицкоски пак, возврати дека не доаѓа во предвид Џафери да биде гласан од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, по никоја цена.

Пинг-понг играта ја доведува во прашање примарната цел на ваква Влада – организирање на претстојните избори. Доколку ВМРО-ДПМНЕ нема кадри во ваквата Влада, ќе значи дека промената ќе биде само во делот на министрите од СДСМ и ДУИ, како и дека премиерското место ќе го земе Џафери. Враќањето на позициите пред шест години повторно ја отвора Пандорината кутија за недоверби и можни изборни кражби.

Досега не се случило во ниту една Влада, партија која има свои министри да не го гласа составот на владиниот кабинет или мандаторот. ВМРО-ДПМНЕ за првпат го прави тоа бидејќи не се задоволни од работењето на Џафери во Собранието, а Ковачевски не се откажува на неговата фотелја да го седне токму првиот парламентарец, по предлог на ДУИ.

Албанската опозиција се уште условува нивниот предлог Абдуш Демири да биде член во ДИК, за да ја гласаат техничката Влада. Доколку тоа не се случи, парламентарната група на Коалицијата која сочинува шест пратеници нема да гласа за изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада.

За една недела треба да се направи примопредавањето и почетокот на функционирањето на новата Влада, а партиите се закопани во своите ровови. Од експертите гласно се коментира дека ова може да отвори нова криза и поделби во државата и можност секој што е незадоволен да ги оспорува изборните резултати.

Техничката Влада може ќе биде избрана со неопходниот минимум од 61 глас, но нема да има кредибилитет да го спроведе тоа за што е формирана. Партиските игри на три месеци профолжуваат.

На почеток