Свет

Авионот што се урна е регистриран во Русија, се трага по шест лица: Детали за страшната авионска несреќа во Авганистан

Фото: Илустрација

На северот на Авганистан синоќа се урна авионот „Фалкон 10“, заведен во регистарот на цивилни авиони на Русија, а според првичните информации, во авионот имало четворица членови на екипажот и двајца патници, јавува руската агенција Интерфакс.

Авганистанската полиција соопшти дека добила информации за падот на авионот во провинцијата Бадакшан, во непристапна планинска област, пренесе Ројтерс.

Авионот престанал да комуницира вечерта, додека бил во авганистанскиот воздушен простор, во близина на границата со Таџикистан, и исчезнал од радарските екрани, објави денеска руската Федерална агенција за воздушен транспорт на својот канал Телеграм.

„Според првите податоци, во авионот имало шест лица – четворица членови на екипажот и двајца патници“, се наведува во соопштението.

Потрагата по леталото е во тек, а Росавијација е во контакт со воздухопловните власти на Авганистан и Таџикистан.

На почеток