Таткото на убиената Вања останува зад решетки, судиите не се убедени дека нема да избега и дека е невин
Таткото на свирепо убиената Вања, Александар, останува во притвор. Кривичниот суд го одби барањето на одбраната притворот да му биде заменет со куќен притвор.
Судија на претходна постапка, по предлог на одбраната на А.Ѓ. осомничен за кривично дело Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 од КЗ, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж., за замена на мерката притвор со куќен притвор, по добивање на мислење од надлежниот Јавен обвинител, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива“, информираа од Кривичниот суд.
Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет.
Одбраната побара куќен притвор за таткото на Вања. Адвокатот Туфегџиќ, убеден во невиноста на својот клиент за „Скопје1“ рече дека иако ниту една мерка не е оправдана за него, со куќниот притвор би се помогнало на семејството кое е погодено од големата трагедија. Туфегџиќ тврди дека Александар Ѓорчевски се уште не е сослушан во обвинителството, вели исказ дал само во предистрага.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, татко на Вања, за „Скопје1“ претходно изјави дека обвинителот од скопското Обвинителство има конфузна и неоснована теорија. Посочува дека поднел неколку ургенции за да ги добие доказите со кои Ѓорчевски е во притвор. Тврди дека добил само игнорантски однос од обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска.
„Подолго од еден месец трае молкот и игнорирањето на одбраната по однос на доказите од страна на обвинителството, со што се кршат основните елементарни права на одбрана на осомничениот. Факт е дека тајноста на истрагата е неспорна, но исто така е неспорно дека на избраниот бранител мора да му бидат доставени истите докази со кои располага бранителот по службена должност, ангажиран во почетната фаза од постапката од страна на судот и обвинителството. По завршувањето на мандатот адвокатот по службена должност нема обврска да ги предаде овие докази изведени во негово присуство на избраниот бранител, изјави Туфегџиќ за „Скопје1”.