Свет

(Видео) Хаос во Украина: руски ракетен напад врз Киев и Харков, погодени станбени згради, луѓе заробени во влезовите

Русија во раните утрински часови изврши серија ракетни напади врз Киев, Харков и Павлоград, при што беа оштетени станбени згради, а загинаа најмалку четири лица, додека повеќе од 20 беа повредени, соопштија властите.

Како што пишува „Киев Индипендент“, едно лице загина, а најмалку 10 лица се повредени во Киев. Осум од нив се хоспитализирани, а на 13-годишното момче му била укажана помош на лице место, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Повеќето од жртвите се во киевскиот кварт Соломјански, каде во нападот беше уништен влезот на повеќекатната зграда, додаде Кличко.

Во киевскиот кварт Свјатошински, паркирани автомобили се запалија кога проектил погоди станбена улица. Градоначалникот подоцна пријавил дека во областа гори двокатна зграда. Во една од станбените згради во областа Свјатошинск е пронајдена неексплодирана боева глава, поради што станарите од зградата итно се евакуирани.

Ракетите погодија и зграда во областа Печерск во главниот град. Делумно е прекинато снабдувањето со електрична енергија и вода во погодените населени места.

Руските сили извршија и масовен ракетен напад врз Павлоград во областа Днепропетровск. Гувернерот Серхи Лисак извести дека најмалку едно лице загинало, а едно е повредено.

Во Харков руските напади ја оштетија цивилната инфраструктура, изјави гувернерот Олех Синјехубов. Во нападот неофицијално загинале 59-годишна жена и уште една жена. Околу 11 лица се хоспитализирани, меѓу кои и едно 10-годишно девојче, рече Сињехубов. Две жени се во тешка состојба.

Како што беше соопштено, во харковскиот кварт Киевски е погодена повеќекатница. Влезовите беа забарикадирани, поради што луѓето останаа заробени во урнатините. Наводно мета била и областа Салтевски.

Според Синјехубов, руските сили најверојатно користеле ракети Кх-22 во нападот на Харков.

На почеток