Македонија

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Литванија, Едуардас Борисовас

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Едуардас Борисовас, новоименуван амбасадор на Република Литванија во Република Северна Македонија, со седиште во Загреб.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски изрази задоволството од високо развиените билатерални односи помеѓу двете пријателски држави, за кои оцени дека ги карактеризира интензивен политички дијалог и партнерски односи, со надеж за поголема трговска и економска соработка.

„Со отворањето на канцеларијата во Скопје на Амбасадата на Литванија од Загреб, во ноември 2023 година, очекуваме продлабочување на меѓусебната соработка и интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната размена помеѓу нашите држави. Во ова светло, новоотворената канцеларија посакуваме во блиска иднина да прерасне во амбасада, со што ќе биде и прва амбасада во Скопје на една балтичка земја“, рече претседателот Пендаровски.

Истакнувајќи дека Литванија е важен партнер на Северна Македонија и сојузник во рамки на НАТО, претседателот Пендаровски изрази огромна благодарност за безрезервната и гласна поддршка што Република Литванија во континуитет ја дава на нашиот евро-интегративен процес.

Амбасадорот Борисовас, на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази цврсто уверување дека за безбедна Европа потребна е силна безбедносна архитектура, во која и големите и малите земји ќе се чувствуваат особено заштитени со меѓународното право, под покривот на безбедносниот чадор на НАТО.

„Обединети од заедничките цели за постигнување безбедна, обединета и просперитетна Европа, позицијата на Литванија е цврста и јасна: Северна Македонија мора што поскоро да стане членка на Европската Унија. Подготвени сме да ги поддржиме напорите на Вашата земја и да продолжиме да ја споделуваме нашата експертиза за интеграцијата во ЕУ“, рече амбасадорот Борисовас.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Борисовас му посака успешно извршување на одговорната функција.

На почеток