Македонија

Ќе биде ли „ранлив“ предметот за убиството на Панче и Вања – две обвинителства, различни толкувања

МНТ ги откажа претставите за денес и утре поради свирепите убиства

Трансферирањето на предметот за убиството на Панче Жежовски од Обвинителството во Велес и спојувањето со предметот за убиството на Вања Ѓорчевска во Обвинителството во Скопје го отвори прашањето дали е запазена законската процедура. Различни толкувања за исто прашање има од Републичкото и Вишото обвинителство, додека скопското Обвинителство молчи. Ова прашање е важно бидејќи иако станува за процедура, таа може да биде проблем за предметот при евентуално судење. Како е воспоставена надлежност над предметот, испитување побара адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, татко на Вања кој пак е осомничен за помагање. Евентуалното незапазување на законската процедура го прави предметот ранлив и комплициран, а отвора простор за одолговлекување на постапката.

Постои законска процедура како се воспоставува надлежност над предмет. Според Туфегџиќ, тоа е членот 40 од Законот за кривична постапка, каде стои дека Вишо обвинителство треба да решава кој ќе го води предметот. „Скопје1“ постави прашање до скопското Обвинителство и обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска, која го води предметот за убиствата, дали ваквата процедура била испочитувана. Од нив одговор не добивме, а прашањата допатувале до Републичкото обвинителство. Тие сметаат дека нема судир на надлежност, но не објаснуваат како го презеле предметот, со оглед дека увиди вршел обвинител од велешкото обвинителство.

„Кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи е доставена до ОЈО Скопје кое како надлежно обвинителство започнало да постапува по неа. До поднесување на кривичната пријава, ОЈО Велес во координација со СВР Велес презело само дејствија за пронаоѓање на пријавено исчезнато лице. По поднесување на кривичната пријава која ги опфаќа и двете убиства, помеѓу двете обвинителства не настанал судир на надлежност, односно надлежно да постапува е ОЈО Скопје бидејќи станува збор за кривични дела помеѓу кои постои меѓусебна врска и постојат исти докази“, посочува Републичкото јавно обвинителство за „Скопје1“.

„Скопје1“ прашањата ги постави и директно до шефот на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој е дециден дека согласност за преземање на предметот не е побарано. Дополнително за предметот нема никакви информации и тврди дека му било забрането да бара.

Прашања упативме и до Вишото обвинителство. Како и во претходниот случај, одговор преку електронска пошта не добивме. „Скопје1“ прашањата ги постави и директно до шефот на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој е дециден дека согласност за преземање на предметот не е побарано. Дополнително за предметот нема никакви информации и тврди дека му било забрането да бара.

„Во врска со вашето прашање дали од страна на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство-Скопје побарано е било какво пренесување или согласност за да се преземе предмет од Основно јавно обвинителство-Велес, а кое се однесува за кривичниот настан случен на територијата на градот Велес, поточно убиството на Панче Жежовски, Ве информирам дека јавниот обвинител Љубомир Јовески, како републички обвинител, ден или два пред да му заврши мандатот, до мене достави известување со кое мене како шеф на Вишото јавно обвинителство-Скопје ми забранува да барам информации од основните јавни обвинителства за конкретни кривично правни предмети, со посебен осврт на горенаведениот настан, бидејќи според наведеното известување, јас со самото тоа што барам информација, го нарушувам принципот на самостојност во одлучувањето на јавниот обвинител од основното јавно обвинителство“, вели Хајрулахи, кој потоа упатува и критики: „Треба да се напомене дека дури и студентите од прва година на Правен факултет знаат дека барањето информација не значи влијание врз натамошниот тек на носење на одлука на јавен обвинител. Повеќе од јасно е дека Јавното обвинителство почива врз основниот постулат на ова институција, а тоа е принципот на хиерарија и субординација, кој принцип јавниот обвинител Љубомир Јовевски го наруши со донесеното известување само за да удоволи на самоволието на еден јавен обвинител“.

Шефот на Вишото, Мустафа Хајрулахи, смета дека со тоа што не смее да бара информации, се врши упад во неговите надлежности. По барањето на адвокатот Туфегиќ, ќе постапува само доколку поширокиот колегиум одлучи поинаку од тоа што сега му било дадено како насока.

„Се прашувам, дали кога предметите по жалба стигаат до Вишото јавно обвинителство и кога јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство постапува согласно своите законски надлежности со тоа што го укинува предметот по жалба и дава конкретни насоки во постапувањето на јавен обвинител од Основно обвинителство, дали и тогаш Вишото јавно обвинителство навлегува во самостојното одлучување на јавен обвинител. За наведеното, со писмен допис се обратив до јавното обвинителство на РСМ, а со цел да се свика проширен колегиум со цел да се провери дали донесеното известување е согласно законските одредби од Законот за јавно обвинителство или известувањето е донесено како резултат на самоволието на поединци. Од тие причини, јас како виш јавен обвинител немам никаква информација за конкретниот кривично правен настан бидејќи со наведеното известување не смеам да барам било каква информација од основните обвинителства, што на најдиректен начин се врши упад врз нормалното функционирање на јавното обвинителство во целина. Со ваквите непромислени и удоволувања на самоволија на одредени обвинители, се доведува под знак прашалник нормалното функционирање на јавното обвинителство во целина“, додава Хајрулахи.

Од Републичкото обвинителство пак, велат дека известувањето од Јовески било испратено до сите основни и виши обвинителства.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство е надлежен да ги носи прописите за внатрешно работење на јавните обвинителства, испрати известување до сите основни и виши јавни обвинителства кое не се однесува на еден конкретен предмет, туку ја појаснува примената на подзаконските акти кои се однесуваат на начинот на реферирање на предметите и начинот на кој се бара достава на информации за предмети од интерес на јавноста“, додаваат тие.

Велешанецот Панче Жежовски бил исчезнат на 22 ноември, а исчезнувањето од неговата ќерка било пријавено на 24 ноември. При пронаоѓање на неговото тело постапувал велешки обвинител. Потоа, истрагата на МВР утврдува дека настанот се поврзува со убиството на Вања Ѓорчевска со оглед дека има исти сторители. На 4 декември се одржува прес-конференција на скопското Обвинителство и МВР каде споделуваат информации за двете убиства. На 6 декември кривичната пријава на повеќе од 100 страни се испраќа до скопското Обвинителство. Од овој момент истрагата ја води токму обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска од скопското Обвинителство. До поднесувањето на кривичната пријава, велешкото обвинителство отстапува се на колешката од Скопје.

На почеток