Мицевски: Јовески пуштен низ вода; Јовески: Мислев случајот е одамна завршен
Комисијата за прашања на избори и именувања, без најава, без образложение и по подолг период го повлече предлогот за уставен судија за Љубомир Јовески. На ова веднаш реагираа од ВМРО- ДПМНЕ.
„Главниот политички егзекутор, слепиот послушник и најревносниот заштитник на криминалот на власта во изминативе 6 години, Љубомир Јовески, денес СДСМ го „пушти низ вода“, напиша на социјслните мрежи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој потсети дека ова трае 2 и пол години и имало 25 продолженија на матичната Комисија.
„СДСМ се откажува од него само поради тоа што повеќе не им е потребен. Тој својата задача за која што го поставија, очигледно си ја заврши. Тој веќе не е подобен да биде уставен судија бидејќи повеќе не е јавен обвинител и нема да може да им ги крие предметите за нивните криминали и да ги штити криминалците во власта. Имено, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе 6 години во сите свои јавни настапи и дискусии во Собранието кажувавме дека овој човек е канцерот на македонското судство, во чиј мандат довербата во судството ја достигна нулата. Сепак, власта дури сега го пушта низ вода Јовески, исто како што ги пушти низ вода и Катица Јанева, но и Вилма Русковска, во оној момент кога таа повеќе не им беше потребна.Полека но сигурно, се гледа крајот на оваа лакрдија. Доаѓа време на ревизии, на преиспитување на некои одлуки и решенија, но и на одговорност за сите злодела и криминали кои што се случија во изминативе 6 години”, изјави Мицевски.
Побаравме став и од Љубомир Јовески.Тој за „Скопје1“ посочува дека мислел дека случајот со неговиот избор е одамна завршен.
„Јас бев убеден дека оваа работа одамна е разрешена и се изненадив кога денеска слушнав дека е закажано продолжение за повлекување на предлогот. Работите беа јасни со тоа што повеќе од година дена никој не се потруди да го затвори овој случај. Потсетувам дека предлогот, како и за сите други уставни судии, освен оние од Претседателот се од политички партии. Меѓутоа доколку партијата цени дека процесот не може да го доведе до крај, треба да не прави штета ниту на поединци, ниту на судот. Во конкретниов случај мене како професионалец бидејќи после предлогот, бев изложен на неосновани напади, нанесена ми е штета на личноста и професионалниот интегритет.Јас стојам зад својата работа и не ме плашат заканите и институциите може слободно да ја проверат мојата работа, бидејќи тоа е задача на институциите а не на партиите.Особено сум горд што во работењето имав целосна поддршка од колегите и што вториот обвинител кој го заврши целосно шестгодишниот мандат. Веќе се посветив на други проекти во кои е препознаено моето цело професионално искуство и знаење“, вели Јовески за „Скопје1“