Македонија

Српските медиуми тврдат дека Ѓорѓе Давид си оди во Србија, а тој е уште без пасош откако прегази жена кај „Табановце“

По сообраќајната несреќа што се случи пред неколку дена кај границата „Табановце“ а во која животот го загуби жена која беше прегазена од рокерот Ѓорѓе Давид, тој се враќа во Србија, пишува српскиот портал „Гранд“. Истовремено Обвинителството посочува дека тој не смее да ја напушти Македонија и дека и натаму е без пасош.

„Основното јавно обвинителство Куманово ја известува јавноста дека мерките на претпазливост определени спрема странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце се уште се на сила. Согласно информациите кои ги има обвинителството до овој момент, тој не ја напуштил државата и утрово се јавил во Судот како што му е определено. Резултатите од наредените вештачења неопходни за да се расчистат причините за сообраќајната несреќа се уште не се пристигнати до обвинителството“, велат од Обвинителството

Порталот „Гранд“, пак, пишува, дека утре Ѓорѓе Давид ќе им се обрати на медиумите токму каде ќе ги открие сите детали од трагичниот настан.

„Како што наведе, Ѓорѓе ќе објасни што се случило кобната ноќ и со тоа ќе им застане на патот на сите шпекулации кои изминатите денови се појавија во медиумите“, пишува порталот.

Засега не е познато како тој ја напушта Македонија, доколку нему од судот му е одземен пасошот поради обезбедување на присуство.

На почеток