Свет

Париз денеска ќе биде блокиран: Над 600 трактори се упатуваат кон француската престолнина, 15.000 полицајци на улиците

Француските земјоделци најавија дека денеска повеќе од 600 трактори ќе блокираат осум автопати кои го поврзуваат Париз со остатокот од Франција.

Владата најави дека ќе бидат мобилизирани 15.000 полицајци за да спречат трактори да влезат во „Париз и поголемите градови“, јавува БФМ ТВ. Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманен, вчера разговараше со своите најблиски соработници за одговорот на полицијата на заканите на незадоволните земјоделци.

Дарманен им наложи на поединечните служби да распоредат значителен одбранбен систем за да спречат каква било блокада на аеродромот и каков било влез на земјоделците во главниот град. Од полицијата велат дека ќе се однесуваат умерено и дека ќе интервенираат само во случај на екстремна вонредна состојба, доколку е загрозен интегритетот на луѓето или се изложени на сериозни оштетувања јавни или приватни објекти.

Земјоделците во Франција протестираат против ниските откупни цени на земјоделските производи и бараат намалување на даноците, како и земјоделците ширум Европа.

Земјоделците ги блокираа патиштата во делови од Франција минатата недела поради владиниот данок за гориво за трактори, евтиниот увоз на земјоделски производи и ниските откупни цени. Земјоделците протестираат и за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и извозниците на храна, особено за договорот со јужноамериканскиот блок Меркосур, кој се уште е во фаза на подготовка, а за кој тврдат дека ќе придонесе и за нелојална конкуренција на пазарот.

Владата во петокот ги укина плановите за постепено укинување на државните субвенции за дизелот за земјоделците и најави мерки за намалување на финансиските и административните такси со кои се соочуваат земјоделците. Најголемиот француски синдикат на земјоделци FNSEA, сепак, соопшти дека ќе продолжи со протестите.

На почеток